Во Македонија има над 200.000 пациенти со ревматолошки заболувања, а нивното лекување не е соодветно бидејќи ги следи стандардите кои се применуваат во регионот и во светот. Вака ја оцени состојбата со третманот на овие болни доктор Владимир Огненовски Директор на Амбулантниот оддел при Универзитетот во Мичиген.
Тој смета дека економската состојба, како и едукацијата на ревматолозите и пациентите допринесуваат резултатите од лекувањето да не бидат најуспешни.
„Има простор да се поправи многу во областа на ревматологијата во Македонија. Постои една дискрепанца дека немаме соодветни лекови во државата. Точно е дека ги немаме биолошките лекови, но имаме генерички лекови. Она што треба да се испита е зошто постојат бариери за соодветното користење и пред сé соодветно дозирање на овие медикаменти. Причината може да е економската состојба, но сметам дека уште поважни се едукацијата на пациентите и на лекарите истовремено, со што мора да се работи на постојана интеракција помеѓу нив, пациентите самите треба да бараат од лекарите посоодветен пристап на лекување. Со истите лекови кои се достапни во државата, постојат поуспешни резултати во Норвешка и во Финска“, изјави доктор Огненовски.
Во државата има само 16 доктори ревматолози, а тие неможат да ги задоволат потребите за лекување на болните чиј број постојано се зголемува. Странските експерти сметаат дека на нив итно им е потребна едукација во други земји каде што ревматологијата е во подем и се користат најсовремени методи на лекување.
„Целта на овој тип на пракса е после посетата тие да се надоградат со нови идеи и да можат да ги применуваат во Македонија современите стандарди и пристапи за успешно лекување на пациентите. Со лековите кои се достапни во државата може успешно да се лекуваат пациентите доколку се користат поголеми дози и третманот е континуиран, но и покрај тоа треба да се воведуваат современи лекови,особено за лупусот. Фондот за здравство треба да стави на позитиванта листа, лекови кои се одамна стандардизирани во други земји и се доста успешни во лекувањето нагласи професор Дејвид Фокс директор на Одделот за ревматологија на Универзитетот во Мичиген.
Професор. Матија Томшич кој е директор на Клиниката за Ревматологија во Љубљана, посочи дека постојат неколку области на кои македонското здравство треба да работи кога станува збор за развојот на ревматологијата и најважно за соодветниот третман на пациентите.
„Несомнено најважно е пациентите при појавувањето на симтомите да се обратат кај ревматолог. Потоа важно е ревматолозите што побрзо да започнат со соодветно дозирање и третман, затоа што овие заболувања се многу агресивни и нивниот развој врз останатите системи е рапиден. И последно Фондот за здравство мора да ги постави базичните лекови за ревматолошките заболувања на позитивна листа и истите да се достапни без финансиски надоместок. Но, матичните лекари се првиот контакт кои пациентите го имаат по појавувањето на симптомите и токму затоа и тие треба да се обучуваат дополнително за овие заболувања,со цел што порано да го испратат пациентот во Ревматолошката клиника, вели професор Томшиќ.
Во Македонија веќе се регистрирани неколку лекови од најновата биолошка терапија но, тие не се достапни до пациентите бидејќи се многу скапи. Експертите сметаат дека е потребно на позитивната члиста на лекови да биде ставен барем еден од овие лекови за пациенти кај кои другиот вид на третман не дава резултати.




