Потсетуваме дека во преговорите за нов Општ колективен договор за јавниот сектор беше прифатено дека линеарното зголемување на платите за најмалку 2.806 денари ќе се случи со ребалансот на буџетот, како што бевме убедувани од Владата, но за жал се покажува дека тоа било само купување на време и играње со судбината на 130.000 работници во земјата во време кога економската и енергетската криза и инфацијата ги јадат работничките плати, се наведува во реакцијата од Сојузот на синдикатите на Македонија (ССМ) во однос на ребалансот на Буџетот.

Од таму бараат итна средба со владата на која ќе биде потврдено тоа што беше начелно договарано и истото да се реализира веднаш.

„Ако сега не биде постигнат договор за 2.806 денари, од септември истото ќе изнесува 18,4 проценти, односно онолку за колку што се зголеми минималната плата согласно Закон, каде што рокот од шест месеци мора да се испочитува за што и Владата јасно истакна дека во рок од шест месеци ќе се усогласат останатите плати и од тоа назад нема“, се подвлекува во соопштението од ССМ.

Потсетуваат дека ССМ и синдикатите бараа зголемување на платата уште од 1 мај и „поради тоа на улица излегоа преку 7.500 работници кои јасно ја упатија барање за зголемување на платите, но очигледно пораката не е разбрана“.

„ССМ настојува да се помогне на работниците со најниски примања и поради тоа барањето за зголемување на платите за 2.806 денари е солидарно решение, а во спротивно и од сигналите кои со ребалансот се испраќаат, солидарноста ќе ја снема и работниците ќе го бараат тоа што им следува по закон“, соопштија од ССМ.