Во сабота на пладне на плоштадот Македонија во Скопје ќе се одржи „Марш со гас маски“ против загадувањето, соопштува невладината „Биди зелен“.
Како што информираат тие главни извори на загадувањето се фабриките кои не работат во согласност со А интегрираната еколошка дозвола, домаќинствата кои се загреваат со несоодветни материјали, старите автомобили, интензивираните градежни активности итн.
– Краен рок за исполнување на А еколошката дозвола за големите загадувачи е април 2014. Сите кои нема да ги исполнат стандардите ќе бидат затворени.
– Најзначителен пораст во последните неколку години во Македонија има увозот на старите автомобили. Дали ние сме свесни колкаво загадување предизвикуваат овие автомобили? Во Македонија од 1993 до денес се увезени 135000 нови автомобили, а 170000 половни автомобили се увезени за 3 години откако се дозволи увоз на автомобили во РМ со стандард ЕУРО2 што значи автомобили произведени 1996 – 2000 година. Во ЕУ од 1 јануари стапува на сила стандардот ЕУРО6, а во Германија од 1 јануари 2014 е забрането возење автомобил со стандард ЕУРО 3.
– Во Скопје во најголемата гужва во раните утрински часови и на крајот на работното време е констатирано дека 4 од 5 автомобили се управувани од едно лице. Дали и за ова ни е некој крив или во прашање е нашата култура? Како градиме мислење за другите околу нас? Според колата која ја возиме или образованието и вредностите кои ги поседуваме како луѓе?
Излезете на маршот за загадување! Се работи за нашето здравје!, апелираат од „Биди зелен“.




