Во тешка сообраќајна несреќа што утрово се случи на автопатот Неготино – Велес, во близина на археолошкиот локалитет „Стоби“ загина познатиот велешки адвокат Никола Димов, јавуваат македонските медиуми.
Сообракајката се случила рано утрово, околу 6 часот кога од засега непознати причини возилото кое го управувал адвокатот излетало од автопатот кај местото викано Летиште.
Сообраќајката на полицијата и била пријавена на телефон од случајни минувачи. Тие соопштиле дека возило марка „мазда“ со велеки регистерски ознаки излетало од автопатот, се превртело и во него имало еден патник.
На местото на несреката увид направиле основниот јавен обвинител од Кавадарци и екипа на полицијата. Телото на загинатиот Димов е предадено на семејството.
Никола Димов беше познат адвокат во Велес кој претходно неколку години ја извршуваше функцијата јавен правобранител за општините Велес и Неготино.
Тој во јавноста стана познат по случајот продажба на Офицерски дом. Во 2007 година беше обвинет дека како правобранител несовесно ја извршувал својата должност и не ги застапувал интересите на државата во незаконската продажба на домот. После ова обвинување, кариерата ја продолжи како адвокат.




