Тетовските советници донесоа одлука да се формира втора гимназија во Тетово. Новото училиште ќе го носи името 7 март, датум кога за прв пат започнала настава на албански јазик.
Гимназијата ќе започне да функционира од наредната учебна година, со што конечно ќе се решат просторните проблеми на гимназијалците. За ваквата одлука на дваесетата седница на советот на општина Тетово, гласаа советниците од ВМРО ДПМНЕ, СДСМ и ДУИ.
Од советничката група на ДПА гласаа воздржано, поради како што истакнаа, името на новата гимназија требало да носи име на личност од албанската историја.
– Ние како советничка група не се согласуваме со именувањето на училиштето во 7 март. Овој датум се разбира е значаен за албанската историја, но ние инсистираме да се назначи личност од албанската историја, бидејќи многу училишта во Тетово, носат имиња на личности од македонска историја а во Тетово 70 % од учениците следат настава на албански јазик, изјави Дурим Љума советник од ДПА.
Советникот од ДПА Љума, побара советот што поскоро да започне да расправа за преименување на средните училишта во Тетово, кои претежно носат имиња на македонски личности. Советникот од ВМРО ДПМНЕ Горан Јовановски, изјави дека голем број на училишта во Тетово не носат македонски имиња, вклучувајчи го и името на тетовската гимназија Кирил Пејчиновиќ, личност кој според Јовановски, бил преродбеник од српско етничко потекло.
На ова реагираше советникот од ВМРО НП Драган Давидовски. Ова е класичен пример на промена на македонската историја а јас како советник во иднина ќе се залагам да останат старите имиња на сите средни училишта во Тетово.
– Одамна се зборува дека ќе има промена на имиња на средните училишта во Тетово. Ставот на ВМРО НП е познат. Ние ќе се бориме до крај да останат старите имиња, изјави Драган Давидовски советник од ВМРО НП
Градоначалничката на Тетово Теута Арифи, не одговори дали ќе следува промена на имиња на средните училишта. Образованието треба да не зближува. Класичен пример е денешното гласање на советниците македонци, кои го подржаа името на новата гимназија, кое носи датум од албанската историја.
– За името на новата гимназија добивме подршка од македонските советници. Со ова покажавме дека сме нашле решение кое ги зближува сите страни, изјави Арифи
Новата гимназија ќе биде сместена во подрачното основно училиште Братство Миѓени во населбата Дреновец, каде настава ќе следат 12 албански парарелки а во објектот на старата Гимназија, ќе учат заедно ученици од албански и од македонски наставен јазик.
На денешната 20 та седница на Советот на општина Тетово, беше изгласан и планот за запишување на учениците во средните училишта за следната учебна година. Беа изгласани и годишните финансиски планови за основните и средните училишта и за јавната установа детски градинки “Младост”.
Советниците го изгласаа и извештајот од спроведените мерки за намалување на загадувањето на воздухот во Тетово. Иако начелно сите ги поздравија мерките што биле преземени, се согласија дека не се исцрпени сите можности за дејствување, па советничката група на ВМРО ДПМНЕ побара редовно да се мијат сите градски улици и да се зазелени секоја слободна градска површина. Советничката група на ДУИ пак побара во делот на договорот на општина Тетово и Институтот за животна средина и здравје при Универзитетот на Југоисточна Европа да се направи сериозна студија за тоа кои се најголемите загадувачите на воздухот во Тетово.
На денешната седница која на дневен ред имаше вкупно 35 точки, беа изгласани и неколку одлуки од областа на деталните урбанистички планови и вклопување на бесправно изградени објекти. На дневен ред, пред советниците се најде и предлог одлуката за формирање на кризен штаб за заштита и спасување.




