Во основните и во средните училишта ќе бидат вработени 294 стручни соработници, ова е најновата одлука на Владата за која денеска информираше министерот за образование и наука, Спиро Ристовски.
Во средните општински училишта ќе бидат вработени 56 стручни соработници, од кои 39 психолози и 17 педагози, додека во државните средни училишта ќе се вработат 10 стручни соработници од кои 6 психолози и 4 педагози.
– Крајната цел на ангажирањето на овој дополнителен кадровски потенцијал е да се обезбеди континуитет во целосната и непречена имплементација на Законот за основното образование и неговите измени, Законот за средно образование, советувањето на учениците и родителите, како и реализацијата на сите проекти согласно заклучоците и Програмата за работа на Владата на Република Македонија, а ефектот директно ќе го почувствуваат учениците, но и нивните родители. Ова е уште еден круцијален чекор со кој се потврдува сериозноста на заложбите за реформирање и обезбедување поквалитетен и поконкурентен македонски образовен систем, истакна на денешната прес-конференција министерот за образование и наука Спиро Ристовски.
– Потребните средства за реализација на вработувањата се во износ од 104 милиони денари и истите ќе бидат предвидени во буџетот на МОН во следниве три години. Изборот ќе биде транспарентен, односно ќе се врши по пат на јавни конкурси за вработување, коишто исто така етапно ќе бидат објавувани, а во нив ќе бидат назначени сите подетални информации за условите и критериумите за аплицирање и обезбедување на соодветниот работен ангажман – рече Ристовски.
Проектот ќе се спроведува во две фази, во правата фаза, која ќе трае до крајот на годинава, треба да се вработат 70 психолози, додека втората фаза која ќе трае до крајот на наредната година, предвидува вработување на 105 психолози.




