Европската комисија (ЕК) тукушто потврди дека комесарот Јоханес Хан во петок во Виена ќе се сретне со четворицата претседатели – СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ, ДУИ и ДПА. На средбата ќе присуствуаат и тројцата европски пратеници Иво Вајгл, Ричард Ховит и Едвард Кукан.

“Делегацијата на ЕУ испрати покана во име на тројцата пратеници за состанок, заедно со комесарот Хан, со лидерите политичките партии во земјата кој ќе се одржи на 22 април во петок во Виена.

Цел на средбата е да се разговара за начините за решавање на кризата и да се обезбеди понатамошната примена на договорот од Пржино и реформските приоритети”, соопшти Делегацијата на ЕУ во Скопје.

Според досегашните информации, ЕК не е подготвена да се откаже од договорот од Пржино иако оваа спогодба помеѓу четворицата лидери е практично мртва со оглед на бројните доцнења во примената.

И особено по последната акција на претседателот Иванов и неговото помилување на лица за кои допрва треба да се води истрага. Со тоа се доведува во прашање постоењото на Специјалното јавно обвинителство кое е креирано според одредбите на договорот од Пржино.

 

Според портпарол на ЕК, Хан е во постојан контакт со сите четворица лидери.