Во возилото паднато во водите на реката Радика во близина на Бигорскиот манастир има загинати лица.
Од 18:30 часот, сообраќајот на регионалниот пат Маврово -Дебар е во прекин поради извлекување на ПМВ од сообраќајната незгода со загинати лица од водите на реката Радика во близина на Манастирот св.Јован Бигорски, информира АМСМ.
Како што информира Центар за управување со кризи, пријавата до дежурниот центар Е-112 во Охрид била примена во 15:48 часот. Според првичните информации од пријавителот, возилото се движело со зголемена брзина, при што возачот изгубил контрола, возилото неколкупати се лизнало и се превртело, по што завршило во коритото на реката, на делницата по манастирот.
По добиената дојава, Регионалниот центар за управување со кризи од Тетово воспоставил контакт со пријавителот и ги известил надлежните служби. Полициски службеници од Полициска станица Ростуше веднаш излегле на местото на настанот, заедно со командирот на станицата и полициска екипа.
Во интервенцијата се вклучила и Територијалната противпожарна единица Гостивар, која испратила екипа со две противпожарни возила и четворица пожарникари. На терен е излезена и екипа на Итната медицинска помош од Ростуше.




