Лидерите на ВМРО-ДПМНЕ и на СДСМ, опозиционерот Христијан Мицкоски и премиерот Зоран Заев најверојатно во вторник ќе седнат на заедничка маса во обид да постигнат финален договор за новиот закон за јавно обвинителство и за судбината на СЈО. Иако Мицкоски ги избегнуваше поканите за средба со Заев, условувајќи го своето присуство со дебата за вонредни избори се согласил во вторник да дојде во Собранието и да се види со политичкиот противник.
Мицкоски вчера попладне, во разговор за ТВ Алфа, изјави дека тема на престојната лидерска средба нема да биде само законот за јавно обвинителство, туку и закажување предвремени парламентарни избори.
Во средината на јули, Заев ја откажа лидерската средба на која требаше да се разговара за статусот на СЈО, за пописот следната година, но и за реформата на изборното законодавство. Причина за тоа беше одлуката на Мицкоски да не присуствува на состанокот во Клубот на пратеници, на кој беа поканети и лидерите на ДУИ и на Беса Али Ахмети и Билал Касами.
Од ВМРО-ДПМНЕ тогаш инсистираа примарна тема да биде закажување предвремени избори, наспроти плановите на Заев да оди на избори во редовниот термин, односно кон крајот на следната година. За разлика од тогаш, сега од ВМРО-ДПМНЕ велат дека може и треба да се отвори дебата за вонредни избори, ама дека централна тема на престојната лидерска средба е законот за јавно обвинителство.




