Министерството за здравство соопшти дека вонредниот инспекциски надзор кој во изминатите два дена го извршила комисијата формирана по барање на ресорниот министер Венко Филипче покажала дека сите МРП вакцини со кои се имунизираат децата се со важечки рок и се целосно безбедни.
При надзорот, како што се посочува, била извршена контрола во повеќе вакцинални пунктови и биле детално исконтролирани фабричките рокови втиснати на сите кутии и на внатрешните пакувања од страна на производителот. Утврдено било дека сите вакцини се со важност до мај 2019 година, односно јули 2019 година.
Од Министерството посочуваат дека надзорот констатирал дека од страна на увозникот, компанијата „Македонија лек“ бил направен технички пропуст. Имено, компанијата „Македонија лек“, кај мал број од пакувањата залепила стари декларации. Залепените декларации биле од претходниот увоз кој бил со важност до октомври 2018 година. За оваа констатација на инспекцијата ја информиравме и компанијата „Македонија лек“.
МРП вакцината е производена од компанијата GlaxoSmithKline од Белгија.
Министерството за здравство информира дека денеска (07 Јануари 2019 година) до 13:00 часот вакцинирани се 23 деца со МРП вакцина. Или досега, вакцинирани се вкупно 1,102 деца. Во моментов, нема нови потврдени случаи на новозаболени лица од морбили (мали сипаници).
Вакциналните пунтови во поликлиниките „Букурешт“, „Бит Пазар“ и „Јане Сандански“, од утре (08.01.2019 година) ќе работат во две семени, од 07:30 до 19:00 часот.

