Вработување во државниот сектор на 300 лица со посебни потреби и различен хендикеп е одлуката од последната владина седница, информира на синоќешната трибина во Охрид премиерот и лидер на ВМРО – ДПМНЕ Никола Груевски.
Владата, нагласи тој, остана доследна на ветувањата дадени пред граѓаните, за спроведување реформи, постојано прави нешто ново за решавање на проблемите.
– Останавме доследни, во тоа продолживме, дури и го зајакнавме темпото со кое почнавме, рече Груевски, додавајќи дека многу од проблемите се решени и многу проекти се реализирани во овие седум години на владеење.
Грижата за пензионерите, според Груевски, е неизоствен дел од работата на оваа Влада. Тој нагласи дека пензиите се зголемени за 35 отсто и потсети на најавените пет проценти од март идната година, споредувајќи со времето кога на власт беше СДСМ и намалувањето од осум отсто.
Напомена дека паралелно со пензиите се зголемуваше и социјалната помош, а им помага и со ослободување од различни давачки на примателите на социјална помош.
– Но, најмногу од се бевме фокусирани на барање инвеститори, кои ќе отворат нови работни места за тие луѓе да се вработат. Најдобра економска и социјална политика е политиката на отворање нови работни места. Токму поради тоа најголем дел од нашето време го посветивме на економијата и барањето инвеститор, што е и наш главен фокус на делување, нагласи Груевски.




