Денеска времето во Македонија ќе биде облачно со врнежи од дожд. Пообилни врнежи се очекуваат попладне, особено во источните делови од земјата, кои на места ќе бидат поројни и проследени со грмежи. Ќе дува засилен ветер од јужен правец.
Утринската температура се движи од 3 до 11 Целзиусови степени, а дневната ќе достигне од 12 до 20 степени.
Во Скопје се очекува слично време, облачно со врнежи од дожд и со ветер од јужен правец. Дневната температура во главниот град ќе достигне до 17 Целзиусови степени.
ВРЕМЕТО ДО КРАЈОТ НА ДЕНОТ
Претежно облачно со повремени врнежи од дожд. Претпладне повеќе врнежи ќе има во западните и северните делови, а попладне во источните делови, каде локално ќе биде нестабилно со пороен дожд, грмежи и засилен ветер. На места се очекува да наврнат над 25 л/м2, а можна е и појава на краткотрајно невреме. Ќе дува засилен ветер од јужен, а во западните делови од југозападен правец. Во ноќните часови кон четврток поради спуштање на студен воздух од север на планините врнежите ќе бидат од снег, но ќе се намалуваат по интензитет. Максимална температура од 12 до 20 степени.
ВРЕМЕТО ВО НАРЕДНИТЕ ДЕНОВИ
Утре ќе има повремени слаби врнежи од дожд, а на планините ќе провејува снег. Утре и во петок ќе дува засилен ветер од северозападен правец. Температурите значително ќе опаднат, при што утринските за време на викендот на места ќе се спуштат под нулата.