Денеска на пладне ќе биде презентиран вториот извештај за фактичката состојба за реализација на проектот Скопје 2014та преку општина Центар, изработен од експертската комисија составена од Слаџана Тасева и Драган Малиновски.
Откако владеачката ВМРО – ДПМНЕ, пред десет дена, го обвини градоначалникот на О.Центар, Андреј Жерновски дека го пролонгира извештајот за кој, според нив, ветил дека ќе биде готов за 90 дена, Жерновски потсети дека било планирано ревизијата да се комплетира за 6 месеци.
„Јавноста очекува од владеачката ВМРО-ДПМНЕ да се заангажираат и да се заинтересираат до каде е одговорот и какви се согледувањата на Јавното обвинителство за прелиминарниот извештај од комисијата. Поминаа цели 90 дена откако јас го предадов во обвинителството овој прелиминарен извештај. За жал, нема ни трага ни глас од одговор“, рече тогаш Жерновски.
Тој ги повикувам премиерот, министерот за култура и сите оние кои имаат свој удел во „Скопје 2014“ да дојдат на денешната прес конференцијата и да ги слушнат финалните резултати и согледувања од ревизијата на проектот „Скопје 2014“. Ќе имаат што да чујат и ќе треба да дадат одговори на многу прашања“, рече градоначалникот на Центар.
Според прелиминарниот извештај од ревизијата на Скопје 2014, кој пред јавноста беше презентиран кон средината на август, беа констатирани голем број неправилности и сомнежи за злоупотреби. Плаќано е повеќе отколку што требало, директно е преговарано за износите, некои од спомениците се уште не се поставени иако се платени, избрани се едни, а договорите се склучени со други автори.
Според извештајот, споменикот на Методија Андонов Ченто требало да чини неколку илјада евра, но за него се потрошени 1 милион евра.
Споменикот на Никола Карев првично било планирано да се направи од бронза и да чини 5 милиони денари, но потоа со нова одлука, сугерирано е да се направи од мермер за цена од 45 милиони денари. Сепак, на терен може да се види дека скапо платениот споменик е направен од бронза.
ВМРО-ДПМНЕ тогаш ги отфрли наводите на комисијата формирана од општина Центар, оценувајќи ги како политички мотивирани и побара поднесување тужба од Жерновски.




