Заменик-премиерот на Србија, Александар Вучиќ најави дека до крајот на годината, со ангажирање на голем број луѓе, странски и домашни експерти, може да се изработи план за Србија што, според него е нешто што во следните десет години „мораме и можеме да го направиме, а пред се треба да се направи систем, кој функционира“.
– Во реконструираната Владата на Србија, на министерските и советничките места, ќе седат луѓе од странство – Срби и странци, додаде тој.
Идејата, појаснува Вучиќ во интервју за денешното издание на „Курир“ е да се доведат најдобрите, „оние од кои можеме нешто да научиме и кои ќе и помогнат на Србија да се движи напред“.
На прашањето што го советувал Лазар Крстиќ кога му понудил да биде министер за финансии, Вучиќ одговори дека му кажал оти ќе имат многу проблеми.
– Му кажав дека се ќе биде многу полошо, отколку што мисли. Дека моментите на слава се куси, дека потоа доаѓа критиката, бидејќи сите во Србија ја покажуваат својата сила со тоа што кон некого искажуваат што е можно посилна пцост, рече Вучиќ.
– Тоа сине и тебе те чека. Доколку си подготвен да прифатиш, влези во арената. Ако не си, тогаш немој да влегуваш. Нема никој да те чува во стаклено ѕвоно и да те штити.
– Јас ќе ти помогнам, ќе те штитам од сите тешки потези, ќе кажам дека тоа е наша заедничка идеја, па тоа ќе го искористат за да удрат по мене. Но ќе мораш да зајакнеш, да е бориш, бидејќи сите реформи, кои планираме да ги спроведеме се болни и тешки, но нашата земја ќе ја направат нормална, рече Вучиќ во интервјуто за „Курир“.