Атиџе Муратова, главната хероина од македонскиот документарен филм „Медена земја“, ќе биде работно ангажирана во општина Лозово и нејзината куќа ќе добие нов покрив, потврди градоначалникот на општината, Ацо Велковски. Посочи дека тоа и било соопштено и неа лично при посетата во објектот на локалната самоуправа.
„Среќна, насмеана и радосна од веста што општина Лозово и јас како градоначалник дадовме ветување дека ќе се погрижиме за куќата на Атиџе да добие нов покрив. По завршување на турнеите и земањето на оскарите, Атиџе ќе биде работно ангажирана во општина Лозово“, рече Велковски.
Додаде дека и ветил оти нејзините две песни ќе бидат целосно обработени со музички аранжман и ќе може да ги испее и сними во професионално музичко студио.
„Медена земја“ е во трка за најдобар документарен и за најдобар интернационален филм на свеченото доделување на најпознатата филмска награда, што ќе се одржи на 9 февруари во Лос Анџелес.