Произлегува реалниот ризик Макединија да заглави во скапа инвестиција (пруга) што сама по себе не носи доволно приход и генерира загуби, а од која единствена корист би имала власта пред локалните избори. На меѓународен план пак, Македонија ќе добие етикета на „депонија за азиланти“, слично како Руанда.
Дејан Трајковски
Шансите Македонија да добие комерцијален кредит со гаранција од UK Export Finance (UKEF) за брза пруга без издржана физибилити студија и сериозна кост-бенефит анализа (CBA) се многу мали до никакви.
UKEF не дава гаранција на слепо. UKEF прави своја проценка на проектот, или бара: 1.) детална физибилити студија (FS), 2.) кост-бенефит анализа (CBA) и 3.) доказ за капацитетот на државата за отплата. Ако Македонија не покаже како ќе го отплаќа кредитот (од добивката пред камати, амортизација и даноци – EBITDA, а не само од приход) или ако прогнозите за приходите се непоткрепени (како оние со „120 милиони евра приход“ без анализа), UKEF нема да даде гаранција, ниту ќе овозможи друга банка да понуди понуда со поволна каматна стапка.
Комерцијалната банка исто така сака издржани податоци. Иако UKEF покрива до 80% од ризикот, банката сепак бара стабилна EBITDA за отплата на ануитети, кост-бенефит анализа со внатрешна стапка на принос IRR > 5–6%, но и реални очекувања за користење на пругата. Затоа, на пример, сега празен воз секој ден вози од Биотола до Жабени, само за да покаже дека пругата реално се користи.
Ако се прикаже само проекција на приход без специфицирање на оперативните трошоци, односно трошоците за одржување на пругата, но и инфраструктурната амортизација, банкарите и UKEF тоа ќе го прочитаат како празна политичка изјава и нема да одобрат кредит.
Без сериозна кост-бенефит нализа (CBA) нема грант од ЕУ ни помош од WBIF. WBIF (кој често подготвува FS и CBA преку JASPERS) одбива да поддржи проекти што немаат економска исплатливост (IRR > 5%). На пример,пругата Куманово–Бељаковце–Крива Паланка доби помош дури откако беше направена нова, издржана студија.
Македонија исто така не може да добие гаранција од UKEF, нити поддршка од WBIF/EIB ако не докаже дека може да отплатува ануитети без да се задолжува понатаму. Потпирање само на транзит и митови за „економски коридори“ и „стратешко значење“ не е доволно за добивање кредит од UKEF или од сериозна банка. UKEF не е политички инструмент – тоа е британска кредитна агенција што бара покритие и анализа.
Зошто властите и британскиот амбасадор даваат оптимистички изјави, иако проектот не е рентабилен? Изјавите на властите и странските амбасадори се само политички, но не правно или финансиски обврзувачки. Тие се често кажани со дипломатски речник: „ако се исполнат условите…“, „во процес е…“, „ќе се разгледа поддршката“. Амбасадорите не одлучуваат за кредитот, туку само даваат политичка поддршка за соработката, а не за конкретната финансиска реализација, која исклучиво зависи од банкарските критериуми и анализата на ризик.
Зошто тогаш властите се оптимисти? Прво, заради „пумпање“ на предизборниот рејтинг се создава илузија дека големиот проект е „веќе договорен“. Второ, се потпираат на буџетот како покритие, односно веруваат дека ако се обврзат дека ќе отплаќаат од буџетот, кредитот ќе се одобри, што е далеку од реалноста. Конечно, најопасно е што политичките или бизнис интереси форсираат да се истурка проектот, без оглед на нерентабилноста.
Дали може Македонија да добие кредит со гаранција само со ветување за отплата од буџетот? Тоа е многу малку веројатно, но под услов Владата формално да преземе обврска во тековните и идни буџети (на 22+ години), со целосна солвентност и фискална стабилност, што тешко може да го гарантира. Во секој случај, тоа ја зголемува премијата за ризик или премијата за гаранција (UKEF сега пресметува 17,82% еднократно за Македонија!). Значи, без рентабилност, каматата ќе биде многу повисока, а кредитот ќе се третира како политика на субвенционирање, а не како инвестиција.
Дали Велика Британија може да ја ослободи Македонија од гаранционата премија? Теоретски – да, но практично – многу тешко, иако не и невозможно, ако станува збор за висок геополитички интерес од страна на Велика Британија.
Самиот UKEF пак е комерцијална агенција на британската држава, но делува во рамки на правилата на ОЕЦД, што ограничуваат субвенционирање, а што е најважно, мора да работи без фискални загуби за британските даночни обврзници. UKEF можеби би можел да направи исклучок, ако има политичко одобрение од владата на Обединетото Кралство и ако се најде оправдување дека тоа носи нето добивка или стратешка корист за Велика Британија.
Конечно доаѓаме до прашањето за азилантите. Во последно време, Велика Британија преговара со трети земји (на пример Руанда) за да ги прими азилантите што нелегално влегуваат во Велика Британија. Ако Македонија прифати да стане транзитна или крајна земја за одбиени азиланти и со тоа да направи голема геополитичка услуга на Британија, тогаш британската влада би можела да даде геополитички попуст за дел или за целата премија на UKEF.
Тоа може да го направи така што Британската влада ќе му плати на UKEF одделно, наместо Македонија или (што е поверојатно) да склучи „Договор за стратешко партнерство“ што ќе опфати кредит, геополитички договор и „безбедносна соработка“, како еуфемизам за приемот на азилантите.
Руанда доби значителни средства од Британија во замена за прием на азиланти. Кенија и други африкански земји преговараат за слични зделки кои вклучуваат и инфраструктурна поддршка. Македонија би можела да влезе во слична шема ако покаже подготвеност за „безбедносна соработка“ и се прикаже како сигурен партнер за прием на азилантите.
Но, тоа бара директни политички преговори на највисоко ниво (влада со влада) и ќе мора јавно мора да се претстави како стратешка соработка, а не како трговија со азиланти, што реално ќе биде. Така во пракса би изгледал приемот на одбиени азиланти во замена за финансиска поддршка, на пример за покривање на гаранциската премија од UKEF, со која Македонија ппонатаму би барала кредити од странските комерцијални банки.
Оттука произлегува реалниот ризик Макединија да заглави во скапа инвестиција (пруга) што сама по себе не носи доволно приход и генерира загуби, а од која единствена корист би имала власта пред локалните избори. На меѓународен план пак, Македонија ќе добие етикета на „депонија за азиланти“, слично како Руанда.
Македонија би презела обврска да прими одреден број одбиени азиланти од Британија (на пример, 500–1000 лица годишно), да изгради кампови или станови и да ги згрижува и интегрира азилантите на хуман начин.
Британија би ги покривала трошоците по лице, како што е договорот со Руанда, со 105.000 британски фунти по човек. Во замена за прием на 3.000 одбиени азиланти би ни била платена гаранциската премија кај UKEF во износ од 300-350 милиони евра. Со тоа зделката би била завршена, во корист на Велика Британија и азилантите, а Македонија би добила кредит за брза пруга што не би била рентабилна и што би ни донела преку 3 милијарди евра загуби.
Да се задржиме малку и на прашањето за самата гарнција. Министерот Николоски, речиси воодушевено изјави дека Британците ќе ни го отплатуваат кредитот ако ние самите не можеме да го отплатиме. Но, колку е тоа паметно?
Ако Македонија не ги плаќа ануитетите од заемот навреме, тогаш UKEF, како гарант, ќе го исплати кредитот наместо Македонија. Но, потоа ќе бара од Македонија да ја врати целата исплатена сума со дополнителни камати и казни.
Во таков случај, обично се активираат Cross-default (вкрстен банкрот) клаузули. Сите други меѓународни кредити може да се сметаат за доспеани и да следат потенцијални судски постапки пред меѓународни арбитражи, како и блокада на идно задолжување од финансиски институции (СБ, ЕИБ, итн.).
Кредитниот рејтинг на Македонија веднаш ќе биде спуштен на D, односно таканаречено „ѓубре“. Тоа ќе значи дека сите следни кредити ќе имаат поголеми каматни стапки, инвеститорите ќе ја избегнуваат Македонија, а македонските банки може да се соочат со поскапо финансирање на меѓународните пазари.
Понатаму, ако не се плаќаат ануитетите и државата нема доволно средства ќе мора да скрати трошоци за други јавни сектори (образование, здравство, пензии) или да се задолжува со висока камата за да враќа стар долг. Конечно, може да биде принудена да продава државен имот, вклучително и стратешки ресурси, како што се хидроцентрали и рудници.
Да заклучиме, вложувањето во долгорочно губитен проект заради краткорочна корист пред локалните избори е многу лоша идеја и една одговорна власт би требало да ја избегне по секаква цена.
За жал, не гледаме знаци на таква одговорност, туку обратно.
Од Фејсбук ѕидот на авторот