Македонските работници во текстилството и чевларството одвај преживуваат со платите што ги добиваат, бидејќи се далеку од државниот просек, стои во најновиот извештај на кампањата „За чиста облека“ објавен на 10-ти Јуни годинава на нивната веб страница http://www.cleanclothes.org.
„Да му ставиме крај на митот дека плаќајќи повеќе за облека произведена во Европа гарантираме подобри работни услови. Евтината работна сила ја има во нашиот двор. Во Бугарија, Македонија и Унгарија платите во текстилството покриваат само 14 % од месечните трошоци, додека во Хрватска тој процент е нешто повисок и изнесува 36%. Во периодот на нашето истражување минималната плата во овие две индустрии во Македонија беше 111 евра, во текстилството просечната е 175 евра, а 159 евра е во чевларството“, пишува во извештајот Алијансата од организации, што стои зад оваа кампања, констатирала дека платата е далеку под нивото за пристоен живот, се работи 8 до 10 часот повеќе од законскиот максимум од 40 часа неделно.
Отсуството од работа е дозволено, но не е платено. На одмор се оди колективно, а само три од истражуваните компании ја плаќале прекувремената работа.
„Бараме да се зголеми платата барем на просечното ниво, а подоцна да се зголеми на ниво за пристоен живот. Големите компании нарачатели да инвестираат во развој на фабриката и негување на долготрајни партнерства“, стои во извештајот.
Состојбата опишана во извештајот ја потврдуваат и работниците од текстилството. Јавно никој не зборува затоа што се плашат дека семејството ќе им остане и без тие приходи.
„И деновите за одмор ги одработуваме во викендите, а во одморот ни ги пресметуваат и државните празници. Работиме прекувремено, но без плата е уште полошо“, велат текстилни работнички од Штип.
Но работниците немаат каде да се пожалат бидејќи никој не е член на Синдикатот, тренд што во извештајот е констатиран и во соседна Бугарија, каде просечната плата во текстилството е нешто повисока, но тортурата врз работниците е поголема. Таму истражувањето на оваа кампања констатирало дека работниците се заклучуваат до исполнување на нормата, платите се кратат без причина, а голем дел од 100.000 вработени во текстилството во Бугарија се осигурани на четири иако работат по 14 часови дневно.
Кампањата „ За Чиста облека“ од 1989 е посветена на подобрување на работните услови и платите на вработените во текстилството. Тоа е алијанса од организации од 16 земји. Во неа членуваат и Синдикати и невладини организации, а имаат околу 200 партнерски организации. Соработуваат со слични кампањи во САД, Канада и Австралија. Кампањата „За чиста Облека“ е подржана од Европската унија преку програмата за демократија и човекови права (EIDHR).




