Учествував во изборот на членови на ДКСК, како претставник на граѓанскиот сектор, заедно со колешката Сабина Факиќ (делегирани како членови на Советот за соработка помеѓу Владата и граѓанскиот сектор), и заедно со Тамара Чаусидис, Сашка Цветковска, Миша Поповиќ, Снежана Камиловска Трповска, Ана Јаневска- Делева, Слаѓана Тасева, Марко Трошановски и други – кои ни помогнаа во а) идентификацијата б) првичната проценка и в) крајното бодување на секој од 57-те интервјуирани кандидати. Секој од нив имаше и улога на интервјуер и ревносно поставуваше прашања во текот на интервјуата.
За самите интервјуа нема да напишам многу затоа што постои 29 часовен снимен материјал на Собранискиот канал и секој може да ги погледне. Се надевам дека оние кои коментираат за изборот погледнале барем по некое интервју.
Јас и Сабина бевме двајца од 7-те члена на Изборната комисија, во која членуваше и г-н Драги Целевски од канцеларијата на Народниот правобранител. Другите 4 членови беа претставници од политичките партии – 2 од владината коалиција (СДСМ и ДУИ) и 2 од опозицијата (ВМРО- ДПМНЕ и независна група).
Секој член имаше на располагање 0-100 поени за бодување на кандидатите – крајниот скор на кандидати се добиваше како средна оценка од 7-те оценки на членовите на комисијата. Индивидуалните оценки се јавно достапни на собранискиот веб-сајт.
Процесот беше веројатно најмалку “типичниот“ избор на членови на регулаторно тело во поновата историја на Македонија, затоа мислам дека како учесник имам обврска “инсајдерски“ јавноста малку подетално да ја информирам.
Зборувајќи за маните на процесот ќе се обидам да не ги повторам истите поенти на колешките Тамара Чаусидис и Сабина Факиќ, кои беа објавени во одделни текстови на сајтот на Призма (колумна на Тамара), на ФБ профилот на Сабина како и при нејзиното гостување во вестите на 1тв во петокот. (08.02).
———————-
Биографиите на кандидатите ги добивавме на денот на самото интервју, што ни ја ускратуваше можноста да направиме потемелно истражување на биографијата на кандидатот и да подготвиме конкретни и таргетирани прашања за секој од нив. На тој начин, веројатно оние кои се позвучни имиња беа во хендикеп, затоа што за нив се наоѓа “материјал“ со едноставно проверување на гугл, или од новинарските и НВО извори – што не е и случај со “поанононимните’ односно, во јавноста помалку експонираните кандидати.
Интервјуата беа изведени “експресно“ – односно целиот процес од формирањето на Комисијата, до изборот на кандидати се случи во рок од 5 дена. Веројатно поради желбата на политичките чинители да го завршат овој процес пред објавување на одлуката за распишување на претседателските избори (по објавувањето на изборите ваквите именување не се законски возможни се до мај 2019 година). Чинам дека Владата сакаше да добие еден плус во пресрет на одлуката за почеток на преговори со ЕУ на тема која е една од најкритичните – имајќи предвид дека Македонија е втората најкорумпирана држава во Европа според последниот компаративен извештај на Транспарентност.
Во интервјуата и ние влеговме со скепса за процесот. По стариот добар скопски обичај, уште првата минута “добранамерно“ ни пристапуваа “добро информирани“ колеги и пријатели, со информации за фаворити, односно листи кои биле веќе договорени. Се разбира дека “информираниот чаршиски инсајдер“ е стар и добро познат феномен на скопскиот урбан фолклор со кој сите сме се сретнале – и секако дека ваквите инсајдери, многу често и ја погодуваат равенката! Тоа е бидејќи, скоро секогаш именуваните функционери се договаарат во штабови и/или со партиски пазарења.
Но, кога сме тука морам да кажам дека ниту еден од тие кандидати кои ги слушнав дека вртеа во комбинаториките на чаршијата на крај не влезе во првите седум рангирани кандидати, кои станаа членови на ДКСК. Тоа значи дека или инсајдерите не биле добро информирани, или пазарите, доколку ги имало – не успеале.
Во пресрет на гласањето во четврток, претставниците на партиите не се ни обидоа да вршат притисок врз мене во однос на мојот глас. Три од претставниците на политичките партии (СДСМ, ВМРО-ДПМНЕ и независната пратеничка) беа максимално коректни и затоа сакам да ги пофалам јавно. За тенденциозниот однос на пратениците на ДУИ кон нас во овој процес, напиша колешката Тамара, на тоа немам ништо ни да додадам ни да одземам.
——————————-
За крај, во јавноста најмногу прашина крена изборот на г-н Нури Бајрами, кој е баџанак на Претседателот на Собранието, па би сакал малку и на тоа да се осврнам.
Г-н Бајрами, не го познавам ЛИЧНО, а пред денот на интервјуто, НИТУ неговото име ми беше познато. Едноставно не ни се сретнале патиштата претходно! Беше кандидатот број 4. Неговото интервју беше квалитетно. Кандидатот одговораше директно, отсечно и артикулирано на поставените прашања, со елоквентност, јасен концепт и визија и без ескивирања на директни прашања. Неговото интервју остави силен впечаток кај сите членови на комисијата. Во неговата биографија стоеше дека ја извршува ИСТАТА функција во Општина Гостивар од 2009 година. Тоа е период во кој се смениле 3 градоначалници од 3 различни партии (Руфи Османи РДК, Невзат Бејта ДУИ и Арбен Таравари АА). Сметав дека е тоа е доволно добар показетел за неговата професионална компетентност. Бидејќи ниту јас ниту било кој од нас 10-тина претставници на медиуми и граѓански организавии учесници во интервјуата, не го познававме лично, почнавме да прашуваме за него. Од наши контакти добивме позитивни референци за неговиот личен интегритет.
Во текот на интервјуто не знаевме за баџаначката врска со Претседателот на Собранието, затоа и никој од нас не го постави тоа прашање. Фактот дека е баџанак на Џафери, се разбира дека ја направи одлуката контроверзна и главен фокус на дебатата по изборот на ДКСК.
Се гласаше од листата на ПРИЈАВЕНИ кандидати, листа во која г-н Бајрами беше подобар од неговата конкуренција за позицијата член на ДКСК. Едноставно и јасно. Заради тоа, образложувањето на одлуката не е ни толку тешка за мене лично – за кандидат со подобра биографија, лични референци за интегритет и подобро интервју – треба да се гласа! Ќе беше неправда да се избере полош кандидат заради тоа што сестрата на неговата сопруга е сопруга на претседателот на собранието.
—–
Дали ќе бидат успешни г-н Бајрами и другите 6 членови на ДКСК, односно дали Македонија по истекот на нивниот 5-годишен мандат нема веќе да биде најкорумипираната држава во Европа – не знам да кажам, но морам да кажам дека како и сите вие – заедно ќе се надеваме на таков исход. Ако, не ја вршат успешно и совесно функцијата – ќе ги критикуваме, како и сите други функционери.
Во оваа прилика им честитам на сите избрани членови и им посакувам успешна работа. За наше колективно добро!
Бесим Небиум, претставник од граѓанскиот сектор кој учествуваше во интервјуирањето на кандидатите за членови на ДКСК




