– Зоран Заев со своите ветувања почнува да го надминува Бранко Црвенковски. Постапките на Зоран Заев не само што се копија на постапките на Црвенкувски, туку и ги надминуваат. Зоран Заев има страв од избори, а неговиот страв од пораз го лекува со надуени, но празни балон предлози и лажни ветувања, реагираат од ВМРО ДПМНЕ по новите најавени мерки на претседателот на СДСМ, Зоран Заев, кои ги презентираше од Прилеп.
„Сите предлози и лажни ветувања вклучително и овие денеска што Заев, Шеќеринска и СДСМ ги ветуваат, се предлози за кои тие не понудија ниту финансиска конструкција ниту начин на реализација ниту рокови на исполнување. Очигледно е дека СДСМ набрзина напишале список на работи за кои мислат дека граѓаните сакаат да ги слушнат, но не напишале како ќе го направат тоа и како ќе обезбедат толку многу средства“, реагираа од владејачката партија, по што одговорот на Социјалдемократскио сојуз гласеше дека паниката на Груевски и ВМРО-ДПМНЕ била разбирлива, бидејќи се соочени со последиците од катастрофалните состојби во здравството, образованието, социјалата, економијата.
За владејачката партија, луѓето од СДСМ лажеле во минатото, а велат, ќе лажат и во иднина. Според нив СДСМ не се менува.
– Колку за потсетување ВМРО-ДПМНЕ има изградено и реконструирано многу повеќе патишта низ Македонија од СДСМ. Тие ниту можат да се споредуваат со нас ниту имаат кредибилитет да зборуваат на оваа тема бидејќи додека беа на власт воопшто не посветуваа внимание на оваа тема. Во нивните мандати парите на граѓаните ги трошеа за бисери за министерките, за скапи уметнички слики, а не се потрудија да направат ниту еден проект, студија или да подготват документација за било кој крупен инфраструктурен проект стои подолу во реакцијата на владејачката партија.
Од Социјалдемократскио сојуз велат, ВМРО-ДПМНЕ во своето владеење има потрошено 17,5 милијарди евра пари на граѓаните и единствено што успеале да создадат е колапс во македонската економија.
– Затоа, ако Груевски навистина сака да сфати што е реално а што не е, го повикуваме да прифати дуел со лидерот на СДСМ, Зоран Заев, децидно бараат од најголемата опозициска партија.




