Close Menu
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
What's Hot

34 години АРМ: Од „боси по трње“ до рамноправна и достојна членка на НАТО

August 16, 2026

Интервју со Павле Гацов: Малите економии имаат мал број алтернативи за справување со американскиот економски протекционизам

April 7, 2025

Интервју со Мирче Јовановски: Последиците од царините на САД – губење работни места и странски инвестиции и намален извоз

April 3, 2025
НОВА ТВНОВА ТВ
  • НАСЛОВНА
  • ВЕСТИ
  • ЗУМ
  • УДАРНО
  • ИЗБОР
  • ТЕМА
НОВА ТВНОВА ТВ

ЗАБЛУДА Е ПОСТОЕЊЕ НА ВЕЧНО КРАЛСТВО: Искрата ќе биде од Англија, а во Шкотска е динамитот за уставна реорганизација на Обединетото Кралство

0
By Xhabir Deralla on September 17, 2026 СТАВ, ТЕМА, ФЛЕШ ТРИ
СПОДЕЛИ
Facebook Twitter LinkedIn Email
Published: Thursday, September 17, 2026 08:23

Решенијата за шкотската независност доаѓаат по неизбежниот колапс на британскиот систем, а не со револуција од Единбург

Славе Младеновски

Бунт против Круната или заштита на сопствениот имот

Сложената социолошка димензија на Првата шкотска војна за независност го демистифицира романтичарскиот контекст за унисоното национално будење. Таа открива длабоко фрагментирано феудално општество, каде што концептите за суверенитет и слобода биле дефинирани исклучиво преку призмата на сталешкиот интерес. Високото шкотско благородништво (magnates) манифестирало висока политичка флуидност. Нивната лојалност не била врзана за апстрактната круна на Шкотска, туку за прагматичното зачувување на нивните трансгранични имоти, лоцирани и во Шкотска и во Англија. Токму тоа ги принудувало на постојани калкулации и тактички компромиси со англискиот монарх Едвард I.

Напротив, вистинскиот катализатор на отпорот се лоцира во ситниот благороднички сталеж (gentry) и во урбаните слоеви, кои – немајќи економски интереси на југот – го артикулирале своето класно незадоволство преку воена мобилизација на обесправеното селанство. Оваа рурална маса, иако примарно вовлечена во конфликтот преку феудална присила, наоѓала сопствен егзистенцијален интерес во бунтот, генериран од прекумерната англиска даночна репресија. Истовремено, шкотската црква дејствувала како врховен идеолошки кохезивен фактор, трансформирајќи ја борбата за институционална автономија на свештенството во „света војна“ за широките маси. Оттука, шкотскиот отпор не извирал од некаква модерна национална свест, туку претставувал сложен конгломерат од аристократски опортунизам, економски очај на потчинетите класи и стратешка самоодбрана на црковната хиерархија.

Демократскиот дефицит во бројки

На мапата на современата глобална политика, Обединетото Кралство на Велика Британија и Северна Ирска долго време важи за синоним на институционална стабилност и правен суверенитет. Меѓутоа, под површината на овој систем тлее длабок, системски парадокс што директно го загрозува неговиот опстанок. Референдумот од 2016 година, во јавноста познат како Брегзит (процесот на излегување на Обединетото Кралство од Европската Унија), јасно ја оголи суровата математика на оваа заедница: со дури 84% од вкупното население концентрирано во Англија, принципот „еден граѓанин, еден глас“ на национално ниво се претвори во демократски дефицит за помалите конститутивни нации. Ова испраќа цврста и јасна порака дека англиските гласачи можат сами да ја одредат судбината на целата заедница, дури и ако сите три останати нации гласаат унисоно за поинакво решение.

Иако Шкотска со убедливи 62% гласаше за останување во Европската Унија, таа беше присилно извлечена од неа поради доминацијата на англиското гласачко тело. Оваа реалност го отвори легитимното прашање: на каква историска иднина може да се надева една заедница, во која судбината на еден народ е однапред математички детерминирана да доживее политички пораз од друг?

Поранешниот прв министер на Шкотска, Алекс Салмонд, по референдумот во 2014 година – каде што опцијата за независност загуби токму поради ветувањата за поголема автономија дадени од Лондон – изјави: „Ја прифаќам пресудата на народот и ја повикувам цела Шкотска да го стори истото. Унионистичките партии при крајот на кампањата ветија дека ќе пренесат повеќе овластувања на Шкотска. Не само 1,6 милиони Шкоти кои гласаа за независност ќе бараат тие рокови да се исполнат, туку сите граѓани кои учествуваа на овој референдум ќе бараат од Вестминстер да го одржи својот збор.“

Секој шкотски политичар соочен со ваквата реалност, која во суштина претставува институционално мелење на шкотската национална волја пред англиската демографска доминација, не може да остане рамнодушен. Тоа не значи дека нужно ќе се прибегне кон радикализам, но секој полнолетен граѓанин денес, како и секој малолетен граѓанин што утре ќе излезе на гласање, во својот светоглед ја негува идејата за сопствена држава. Токму таа внатрешна социјална кохезија ја прави идејата за независност вонвременска и бесмртна. Станува збор за историски процес што Англија не може трајно да го спречи; таа може само административно да го одложува, за на крајот сепак да биде принудена да го признае сопствениот пораз

Развој: Временскиот парадокс и шаховските стапици на Лондон

Поддржувачите на независноста, предводени од Шкотската национална партија (SNP), со право тврдат дека Брегзит претставува правна и политичка „материјална промена на околностите“. На претходниот шкотски референдум во 2014 година, клучниот аргумент на Лондон против отцепувањето гласеше: „Ако излезете од Обединетото Кралство, автоматски ќе излезете и од Европската Унија“. Шкотска тогаш тактички изгласа да остане во Кралството со 55% наспроти 45%. Парадоксот се случи само две години подоцна, кога Шкотска беше присилно извлечена од ЕУ токму поради гласовите на доминантното англиско гласачко тело. Од тој момент, барањето на Единбург за нов референдум доби целосен демократски и морален легитимитет.

Сепак, кога се проценуваат шансите за независност на Шкотска, клучно е процесот да се стави во реални и остварливи временски рамки. Од денешна перспектива, „прозорецот на можности“ за Единбург е најшироко отворен во следните 10, евентуално 15 години – период во кој веројатноста за остварување е исклучително висока и варира помеѓу 85% и 95%. Ова се должи на сегашниот генерациски јаз и акумулираната политичка енергија предизвикана од Брегзит. Доколку сегашното расположение кај населението и актуелниот геополитички бран не бидат искористени во претстојната деценија, со текот на времето процентот драстично ќе опаѓа. Илузорно е да се очекува дека едно национално движење може со децении да ја одржува истата внатрешна кохезија и енергија во состојба на наметнато status quo.

Поранешниот премиер на Обединетото Кралство, Дејвид Камерон, откако Англија и нејзината коалиција успеаја да ја зачуваат Унијата, на 19 септември 2014 година изјави: „Дебатата е разрешена за една цела генерација. Тука не може да има спорови, ниту повторувања – ја слушнавме конечната волја на шкотскиот народ. Сега е време нашето Обединето Кралство да се обедини и да тргне напред. Како што кажав и за време на кампањата, ќе ми се скршеше срцето ако го видев крајот на нашето Обединето Кралство.“

Вака поставениот цврст став од Вестминстер не е ништо друго туку одложена верзија на англиската визија за „трајно решено прашање“, дизајнирана да го амортизира шкотскиот притисок сè додека не помине неговиот најсилен историски импулс. Поранешната прва министерка на Шкотска, Никола Стурџен, по соопштувањето на резултатите од Брегзит во 2016 година, возврати: „Демократски е неприфатливо Шкотска да биде извлечена од Европската Унија против нејзината волја. Изгледите Шкотска да биде изнесена од ЕУ против нашата волја се економски и политички погрешни. Затоа, сосем е очигледно дека вториот референдум за независност мора да биде на маса, и тој е на маса.“ Ова е клучниот историски момент кога Шкотска дефинитивно сфаќа дека е прегласана од Англија. Тоа е чин кој јасно говори дека нејзината иднина во рамките на овој систем редовно ќе биде условувана и ќе остане заложник единствено на волјата на Англија.

Дополнителен предизвик за шкотската кауза е карактеристичната британска прагматичност во дипломатијата. Лондон со децении управува со политичката табла преку една добро позната тактика: поставување на играта на таков начин што противникот се соочува со избор каде што двете понудени опции на крајот водат до победа на центарот. Доколку Лондон во иднина ѝ понуди на Шкотска лабава федерација како компромис – систем каде што Единбург би имал целосна контрола над своите даноци, економијата и внатрешната политика, додека Вестминстер би ги задржал само одбраната и надворешните работи – Шкотска би влегла во типична шаховска пат-позиција.

Со прифаќање на предлогот за федерација, Шкотите автоматски ја губат својата главна цел – целосната независност и можноста за брзо враќање во Европската Унија. Шкотска во тоа сценарио останува заглавена во британската сфера на влијание, а движењето за отцепување целосно би ја изгубило својата мобилизирачка енергија за следните неколку децении. Лондон во овој случај победува бидејќи го зачувува Кралството. Од друга страна, со одбивање на ваквиот предлог за федерација, Шкотска ризикува да биде стигматизирана од Лондон пред меѓународната јавност со наративот: „Ви понудивме максимална слобода и рамноправност, а вие ја одбивте поради радикален национализам“. Во оваа алтернативна ситуација, Лондон повторно излегува како победник. Тој ги прикажува Шкотите како радикални, неразумни и политички кусогледи, со што Единбург би ја изгубил поддршката од домашните умерени гласачи кои се плашат од економски ризици, а меѓународниот легитимитет на движењето би почнал да бледее.

Актуелниот премиер на Обединетото Кралство од Лабуристичката партија, Кир Стармер, во време на сегашната уставна блокада испрати јасна порака дека Вестминстер нема да дозволи отворање на уставни прашања и нови референдуми, изјавувајќи: „Не можам ни да замислам друг референдум за независност на Шкотска да се случи за време на мојот мандат како премиер. Време е да се фокусираме на економијата, а не на уставот. Поделбите од минатото мора да ги оставиме зад нас.“

Сепак, уставните недоречености, политичките контроверзии и општествените противречности што ги создава реалниот живот во Обединетото Кралство, тешко дека ќе бидат рамка во која би прифатиле да живеат денешните и утрешните генерации шкотски граѓани. Тоа како политичка определба им е јасно на многумина, но во сегашниот сооднос на силите, елитите во Лондон не се доволно одважни да понудат целисходно решение во интерес на двата народа. Како што учи историјата, кога компромисот се одбива во мирни времиња, решението што на крајот ќе биде избрано најчесто доаѓа како нужно и наметнато под притисок на околностите.

Преносот на искрата: Кабелот и динамитот

Филмот „Храбро срце“ (Braveheart) од 1995 година сликовито ја прикажува борбата на Вилијам Волас, шкотскиот воин од 13 век кој ги обединува Шкотите во бунт против тиранијата на англискиот крал Едвард I. Холивудскиот херој Волас, пред битката кај Стирлинг, ги мотивира своите војници со безвременските зборови: „Можат да ни ги одземат животите, но никогаш нема да ни ја одземат слободата!“ – што претставува извонредна илустрација на шкотската историска максима „не се откажуваме“.

Меѓутоа, дури и низ оваа драматизација на конфликтот, евидентно е дека крајниот исход на шкотската кауза е секогаш структурно условен од капацитетот на англиската круна да ја проектира својата супериорна воена, финансиска и политичка моќ. Филмскиот приказ на немилосрдниот Едвард I јасно сугерира дека геополитичката реалност на Шкотска е детерминирана првенствено од кондицијата на нејзиниот поголем сосед. Националната борба и мотивот на периферијата се само една променлива во равенката, додека клучниот фактор на рамнотежата останува во рацете на империјалниот центар.

Токму затоа, и денес, конечното решение на оваа вековна дилема не лежи во Единбург, туку во самиот центар на моќта – во Англија. Историјата нè учи дека големите политички системи и сложени државни сојузи, од Отоманската и Австроунгарската Империја, па сè до Советскиот Сојуз, никогаш не пропаднале затоа што нивните провинции одеднаш станале воено или економски посупериорни. Тие се распаднале одвнатре, во моментот кога самиот центар ја изгубил сопствената кохезивна сила, идеолошка легитимност и капацитет да менаџира со сопствените кризи.

Денешна Англија поминува низ длабока социо-демографска и културна трансформација. Соочени со сериозни економски притисоци, внатрешни социјални превирања и брза промена на етничката и религиозната структура во големите урбани центри, новите генерации граѓани на Англија веќе ја губат емоционалната и историската врска со концептот на старата Унија. Во еден таков специфичен општествен амбиент, искрата на распадот всушност се пали во самата Англија, генерирана од нејзините сопствени граѓани.

Во тој геополитички синџир на настани, трансмисијата на политичкиот пламен ќе се движи по веќе воспоставени историски законитости. Англиската внатрешна немоќ го пали фитилот; Северна Ирска дејствува како кабелот кој го пренесува пламенот преку својот неминовен уставен пат кон обединување со Република Ирска; на крајот, пламенот стигнува до динамитот – Шкотска. Слабата Англија, притисната од сопствените внатрешни кризи, нема да има ниту политички кислород, ниту ресурси да води повеќекратни внатрешни и надворешни битки одеднаш. Во такви околности, таа ќе биде принудена да прави отстапки и под притисок на реалноста самата да понуди мирно раздвојување, односно суверено отцепување.

Суштината на постоењето наспроти минливоста на кралствата

Од денешен аспект, ваквата разврска на повеќевековната ситуација може да му изгледа нереална на просечниот набљудувач, заслепен од моменталната институционална моќ на Лондон. Но, токму историјата ни покажува дека тоа е најсигурниот и најизвесен пат до слободата.

Политичките системи, границите и кралствата се само вештачки креации што во историските читанки запишуваат само две клучни одредници: година на формирање и година на пропаст. Тие се минливи. Она што е трајно и што ја сочинува вистинската приказна и суштина на постоењето е животот на луѓето, нивниот идентитет и нивната колективна волја. Кога еден систем ќе престане да им служи на луѓето и ќе почне да го игнорира нивното природно право, тој самиот го потпишува сопствениот крај. Шкотската независност нема да биде производ на насилна револуција, туку природен и неизбежен епилог од падот на еден систем кој одамна ја потрошил својата историска енергија.

Во октомври 2015 година, визионерски најавувајќи ги процесите што следат, тогашната прва министерка на Шкотска, Никола Стурџен, изјави: „Никој не треба да ѝ застане на патот на Шкотска ако сака уште едно гласање за одвојување од Велика Британија. Референдумот за независност би бил неизбежен ако Обединетото Кралство ја напушти ЕУ. Желбата за уште еден референдум ќе стане посилна, што би го прекинало сојузот меѓу Англија и Шкотска по повеќе од 300 години. Верувам дека Шкотска ќе биде независна уште за време на мојот животен век.“ Овие зборови денес одекнуваат со посебна тежина и значење. Тие потврдуваат дека сонот за независност не е минлив политички тренд, туку долгорочна историска рамка. Процесот е започнат, фитилот е запален, а времето незапирливо работи во корист на суверената волја на шкотскиот народ.

 


Авторот, м-р Славе Младеновски, е социолог


Специјално за НОВА

Share. Facebook Twitter LinkedIn Email
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
shortcut
ФОКУС
August 29, 2026

Исланд гласа за или против обновување на преговорите за членство во Европска Унија

ФОКУС August 29, 2026

Денеска, 29 август, граѓаните на Исланд гласаат дали владата треба да ги обнови пристапните преговори…

Техеран го повика Вашингтон да признае воен пораз

August 16, 2026

Букурешт: Дуња Иванова четврта на Балканот во МТБ маратон во Романија – 73 км. должина и 2.400 м. висинска разлика

August 15, 2026

Њујорк Тајмс: Европа смислува свој формат за преговори за Украина

August 15, 2026
ТИКЕР

77-ми протест против владата на Еди Рама

August 16, 2026

Анкета: Турската опозициска „Нова партија“ води со речиси осум отсто пред партијата на Ердоган

August 14, 2026

Масовен сајбер напад во Полска, украдени се медицински податоци на 19 милиони граѓани

August 13, 2026

Најмалку седум мртви во нападот врз училиште во Тајланд

August 7, 2026

СОЗИС: Украинците повеќе им веруваат на генералите отколку на Зеленски

August 7, 2026
CIVICA
Facebook
  • Редакција
  • Маркетинг
  • Политика на приватност
© 2026 НОВА ТВ

Type above and press Enter to search. Press Esc to cancel.