Премиерот Никола Груевски потврди дека преку Министерството за надворешни работи подолг период комуницира со своите колеги од Србија, Турција, Словенија, Црна Гора и најверојатно, Хрватска, за идејата за споделување заеднички објект. Како што објасни се работи за заеднички објект каде што ќе работат дипломатите од овие земји за да се намалат трошоците на македонската дипломатија, пишува Вест.
-Идејата не е заедничка дипломатија. Тука нема никаква политичка заднина, има чиста финансиска заштеда и ништо повеќе од тоа, објасни Груевски, по изјавата на српскиот министер за надворешни работи Иван Мркиќ во врска со воспоставувањето заеднички дипломатски претставништва во светот, според скандинавскиот модел.
Груевски потенцира дека целта е да се заштеди на простор, да се користат заеднички простории, а не е да имаме заедничка дипломатија.
-Се разбира дека нашите дипломатски мисии ќе бидат засебни и нема да дејствуваат заеднички, но заради заштеда на финансиски средства за кирии, идејата е некаде ние да отстапиме, каде што имаме поголем простор за влез на дипломатски претставници на други држави, а некаде тие нам да ни отстапат, вели премиерот.
Српската дипломатија понудила заеднички дипломатски претставништва во Африка, Азија и во Јужна Америка.




