Премиерот Зоран Заев денеска соопшти дека долгот на државата кон стопанството не очекува да надмине 700 милиони евра.
– Се уште се прават анализи. Стигнавме до ставка од 400 милиони евра. Сепак, не очекуваме долгот на државата кон бизнис заедницата да надмине 700 милиони евра, истакна Заев, одговорајќи на новинарски прашања пред деловниот појадок со Сојузот на стопанските комори.
Заев потенцира дека секој инвеститор што ќе почне гринфилд во Македонија, независно дали е домашен или странски, ќе добие целосна поддршка и истите услови ќе важат за сите подеднакво.
Во однос на инспекциските служби, премиерот истакна дека тие ќе бидат пред се во функција на превенција и ќе издаваат предупредувачки мерки, наместо да казнуваат како што досега беше пракса.
Трите клучни барања на Сојузот на стопанските комори (ССК) се: реформа на инспекциските служби, сузбивање на сивата економија и учество на деловната заедница во креирањето на економските политики.
ССК пред Владата претстави пакет од 75 мерки кои, како што изјави претседателката на Сојузот Данела Арсовска, се во насока на спроведување на структурните реформи и подобрување на инвестициската клима и деловното опкружување во земјава.
– Пакетот мерки е структуриран во неколку категории, а секоја мерка е утврдена врз основа на соодветна анализа, позитивни деловни практики и компаративни искуства, истакна Арсовска.

