Ги решивме сите несогласувања со српскиот претседател Александар Вучиќ, подадовме рака и ветивме дека ќе соработуваме, вели премиерот Зоран Заев во интервју за телевизијата Н1, за време на официјалната посета на Босна и Херцеговина.

-Србија немаше некое влијание или лоши намери кон Македонија. Секако, имаше коментари во претседателската кампања, се споменуваа „македонски сценарија“, но јас не навлегувам длабоко во тоа, вели Заев.

Тој додава дека Владата ќе ги следи желбите на граѓаните, а како што вели, граѓаните сакаат соработка.

-Ние сме блиски народи навистина имаме одлична перспектива. Политичарите мора да отвораат такви перспективи и да ги унапредуваат во корист на граѓаните и на Македонија и на Србија, вели Заев.

Министерот за надворешни работи на Србија Ивица Дачиќ за време на посетата на Атина на почетокот на овој месец изјави дека Србија згрешила што ја признала Македонија под уставното име, поради нејзината политика кон Косово. Неговата изјава не ја демантираше, ниту пак ја осуди српскиот претседател Александар Вучиќ на неодамнешната трилатерална средба во Солун. Но за време на посетата на Вашингтон минатата недела, одговарајќи на новинарско прашање, Вучиќ само рече дека Србија ја признава Македонија под уставното име.