Претседателот и потпретседателката на СДСМ Зоран Заев и Рада Шеќеринска денеска во Брисел имаат средба со комесарот за проширување Штефан Филе.
Според портпаролот на комесарот овие средби со владите и опозициите на земјите кандидати се дел од секојдневната активност на Европската комисија (ЕК). Освен тоа ова е прилика за Филе да се запознае со новиот шеф на СДСМ со кој се уште, велат во Брисел, комесарот немал средба.
Комесарот неодамна имаше средба со лидерот на ДУИ Али Ахмети а се среќава редовно и со премиерот Груевски. Средба со лидерот на опозицијата немало уште од времето на Бранко Црвенковски па е сосема нормално да дојде и до запознавање со неговиот наследник.
Од извори на НОВА дознаваме дека на средбата ќе се разговара за актуелните настани во Македонија по декемврискиот самит како и чекорите на владата кои Брисел внимателно ги набљудува.
Средбата се одржува на барање на комесарот Филе.




