Лидерот на СДСМ Зоран Заев најавува кривична пријава за нудење на поткуп. Тој тврди дека една година некој се обидувал да го мести со нудење на пари и дека се работи се осмислено местење.
-Една година и нешто повеќе се мачат како да наместат давање на пари на претседателот на опозицијата. На сите начини се обидуваат тоа да го направат. Се подготвува кривична пријава која ќе биде доставена од моја страна за осмислено нудење на поткуп и осмислено договарање за местење на поткуп. Ако имаше местење со давање пари тоа ќе беше објавено сигурно од страна на, не би ги нарекол веќе државни органи туку партиски органи, вели Заев.
Заев на вчерашната трибина на СДСМ го објави и името на човекот кој соработувал со власта и дека станувало збор за Иво Сачивалиев од Струмица, сопственик на струмичка конзервна фабрика.
Сачевалиев денеска за НОВА само кратко рече дека не сака да зборува за овој случај и го прекина телефонскиот разговор.
Инаку Заев денеска се појави пред Јавното обвинителство за организиран криминал на распит за случајот „Пуч“ во кој е четвртообвинет за организиран криминач. Тој не сакаше да ја коментира постапката на случајот и вели дека остана на независните обвинители да го решат процесот.
-Денеска сме тука да потврдиме дека го почитуваме Уставот и законот во Република Македонија и да оставиме трага од сите овие процеси. Напоменувам дека се надевам дека ќе се одважат поединци во Јавното обвинителство и во судството да носат одлуки исклучиво по Устав и закон. Напоменувам дека знам дека најголем број од луѓето вработени во Обвинителство и судство се чесни луѓе, еден дел се под притисок и еден многу мал се директни извршители со извршната власт за незаконски дејствија. Денеска нема да ги коментирам разговорите во Обвинителство затоа што сакам да го почитувам процесот, посочи Заев.




