Денес Македонија е земја што тоне во медиумски мрак, нефункционални демократски институции, неефикасен демократски процес, партиски диригирано право и судски систем. Доволно е да се погледаат само извештаите од релевантни институции од ЕУ и светот, за да се разбере дека Македонија заостанува во почитувањето на основните принципи и вредности на секое современо општество, рече при своето обраќање претседателот на СДСМ Зоран Заев, на конференцијата „Демократија, владеење на право и медуми“, дел од редовниот годишен состанок на Групата на Прогресивната алијанса на социјалисти и демократи во Европскиот парламент.
-Власта направи брутален обид за замолчување на новинарите во Собранието на РМ за известување на едно од најважните прашања за граѓаните, носењето на државниот Буџет.
-Со полициска асистенција исфрли пратеници од Законодавниот дом.
-Невидено досега, се затвораат новинари. И Европа и светот слушнаа за притворањето на новинарот Томислав Кежаровски. Стигнаа и осуди од релевантни меѓународни институции и организации, но никој не реагира, новинарот е во 10 месечен притвор досега.
-Мерката притвор се злоупотребува наместо затворска казна.
-Македонија, според Извештајот на Репортери без граници, од 34-то место во 2009-та година, сега е на 123-то место по слобода на медиумите.
-Се донесоа закони за медиуми без одобрување и договор со медиумската заедница и коишто имаат за цел да ги стават под контрола и интернет порталите, речиси единствениот простор што е останат за слободно изразување.
-Се донесуваат судски пресуди во илјадници евра за медиумите и новинарите, каква што е меѓу последните, пресудата од 9 илјади евра за весникот Фокус.
-Стотина новинари професионалци се избркани и на улица.
-Најголем дел од медиумите преку уцени на сопствениците или поради нивна блискост со власта се под директна контрола.
-Се игнорираат јавните настапи на опозицијата, во најголем број случаи дури и од националниот сервис, Македонската телевизија.
-Со милионски суми народни пари, се купуваат уредници на вести и се корумпираат цели медиуми, да ја извртуваат реалноста, да не пренесуваат ништо што не е во интерес на власта, ништо што е критичка мисла.
-Партиски црни, негативни кампањи направени од страна на власта се плаќаат со народни пари, за тоа постојат и документи, а институциите не ги испитуваат случаите.
-Се притиска преку разни форми граѓанскиот, цивилниот сектор, експертската јавност.
-Се затвораат политички неистомисленици, какви што се случаите со Љубе Бошкоски, Ване Цветанов и други кои отворено говореле за проблематични состојби во државата.
-Еве последно затворен е претседавачот на Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, истакна Заев.
Според него ова е монтиран случај, со цел да се закочи функционирањето на општината кадешто граѓаните се спротивставија на власта на последните локални избори и, и покрај бројните злоупотреби со гласови и три изборни круга на коишто беа принудени, гласаа за опозицијата, според сопствена волја и сопствено убедување.

-Се затвораат и фирми, со изречени огромни казни, како дел од системот на партизираното владеење
Македонија за жал во последните 8 години стана поделено општество како никогаш досега, во коешто партијата и партиската книшка диктираат `се во нашата земја.
Одговорноста да се предводи најголемата опозициска партија е одговорност и кон земјата и општеството во целина.
СДСМ не само што бара сето ова да се смени во Македонија туку и документирано и аргументирано ги разоткрива формите на владеење на оваа власт и за сето тоа разговара со граѓаните.
СДСМ презема конкретни чекори за враќање на демократијата во Македонија и оваа партија тоа ќе го стори.
Во Програмата на Социјалдемократскиот сојуз е посветено посебно внимание на демократијата, слободата на медиумите, владеењето на правото во интерес на сите граѓани.
-Јавниот радиодифузен сервис ќе стане сервис на граѓаните што ќе биде коректор на политиките на власта а не пропаганден билтен.
-Собранието ќе носи закони преку дебати и вклучување на експертската јавност, а не преку скратени постапки и како продолжена рака на Владата.
-СДСМ ќе биде транспарентна, отчетна и одговорна власт, истакна Заев.





