„Парламентарното мнозинство е стабилно, разбирачката е огромна“, кажа премиерот Зоран Заев, одговарајќи на новинарското прашање дали ќе има последици во владината коалиција по најавата за коалиција на СДСМ и ДУИ на локалните избори. Тој додаде дека нема да биде дозволено било какво билатерално преговарање да наштети на некој друг партнер од коалицијата, додавајќи дека секој ќе добие шанса, но треба да го понуди најдобриот кандидат за градоначалник или советник.

-Ние сме владина коалиција со повеќе политички партии, а најголем коалиционен партнер на СДСМ е ДУИ, но тука се и партнерите Беса и ДПА од албанскиот блок и 24 партии плус имаме од коалицијата „Можеме“. Многу ни е важно целата коалиција да опстојува, иако ги има сите права да биде поразлична, бидејќи сега се локални избори, избор на личности, каде на граѓаните им се важни кандидатите и кандидатките за советници и градоначалници. Коалицијата со ДУИ значи заеднички настап на локалните избори, којашто до крај ќе биде утврдена кога ќе се дознаат самите кандидати, кажа Заев.

Тој нагласи дека може да се случи во некои општини СДСМ во првиот круг да поддржи кандидати на ДУИ или пак обратно.

-Некаде ќе одиме со поддршка во вториот круг, а некаде ќе дадеме шанса на кандидатите на помалите партии и не би било својствено ДУИ да ни даде поддршка во првиот круг на нас или ние да дадеме на ДУИ, кога има кандидат од Беса или од српските партии, турските партии и слично, се со цел да дадеме шанса низ демократски процедури граѓаните да бидат тие што ќе ги водат конечните коалиции. Токму затоа можеме да дадеме предимство на правците на правците на коишто не упатуваат граѓаните во мултиетничките општини. Коалицијата со ДУИ е флексибилна и заокружена за целата земја, а која ќе води грижа и за кандидатите на помалите политички партии, заклучи Заев.

Прашан како ќе го искоментира обвинувањето на пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Антонио Милошовски, дека премиерот Заев не останува на зборот, бидејќи преходно кажал дека ДУИ е канцер за општеството, премиерот кусо одговори:

-Нема да го коментирам Антонио Милошовски, не вреди!