Можеме да издржиме и ќе издржиме. Се обидуваме во време на криза којашто е присутна насекаде во светот и кај нас, да функционираме онолку колку што е можно. Имаме ние наши ресурси, имаме наши капацитети со кои управуваме, но многу е важно препораките и мерките од институциите да се почитуваат, рече лидерот на СДСМ Зоран Заев во гостувањето на Канал 5 телевизија.

„Секако свесни сме за тешкотиите на состојбите и се водиме од сите информации кои ги добиваме од тимот на министерот за здравство, од Комисијата за заразни болести, од Владата кои што се секако најинформирани и од тука ги темелиме сите надежи кои што во иднина значат и промена на економските политки, на севкупни политики. И оттаму знаеме дека кон крајот на април се очекува некоја кулминацијата на кризата, каде ќе има повеќе излекувани, со помалку заразени, за да почне да паѓа трендот, но никој не може точно да каже. Важно е да стегнеме заби и да го пребродиме овој период“, рече Заев.

Треба да знаат граѓаните, дека сме свесни колку е сериозна работата, рече Заев, и додаде дека „Владата води сметка за работните места на секој еден граѓанин“.

Денес лекарите, здравствените работници, нагласи тој, се многу повеќе платени отколку порани, реконструирани се над 40 од вкупно 120 здравствени објекти и се опремени со најсовремена опрема, сето тоа резултира денес да имаме посветени леакри и медицински персонал кои бескомпромисно се борат со коронавирусот.
„Денес довербата во јавното здравство е многу поголема, затоа што на пиедастал ги ставивме пациентите, затоа што за нив постои здравството. Во моментиве никој нема толкава доверба, каква што има нашето здравство. Тоа е доказ дека се што направивме во овие две и пол години, дало резултат, онолку колку што можело за две и пол години. Да не заборавивме од каде тргнавме, од заробена држава во која парите се трошеа на непотребни работи“, рече Заев.