Вкупно 8 министри, исто толку заменици и 20-тина директори на јавни претпријатија ќе бидат сменети до крајот на јуни, најави денеска од седницата на Централниот одбор на СДСМ во Охрид премиерот и лидер на оваа партија Зоран Заев.

Денеска Заев потврди дека дефинитивно предвремени парламентарни избори нема да има, ќе има реконструкција на Владата. До крајот на неделата, рече, ќе се знае кои министри ќе бидат сменети и кои се тие што ќе дојдат на нивно место, за да можат пратениците навреме да се запознаат со нивните биографии и да гласаат за реконструкцијата.

Заев кажа и оти меѓу 20-темина директори на јавни претпријатија што ќе бидат разрешени ќе има и директори од коалиционите партнери.

Нов директор ќе се именува во ЈП „Водовод и канализација“, откако актулениот Душко Весковски е именуван за нов организациски секретар на СДСМ, функција која досега ја извршуваше  Миле Зечевиќ.

Заев потврди дека Весковски нема да биде директор на претпијатието, за да може да се посвети на партијата. Истото важи и за новиот генерален секретар Љупчо Николовски кој ја напушта министерската позиција во земјоделието.

Дане Талески останува секретар за меѓународна соработка на СДСМ.