Во денешниот осврт за работата на премиерот Груевски, за кој вели има 11 години стаж во политиката, Македонија за претседателот на СДСМ, Зоран Заев наместо 100 чекори напред, седум години галопира назад.
На денешното обраќање претседателот на СДСМ направи проценка на сработеното на владејачката гарнитура во сферата на економијата и евроинтеграциите, проектот „Скопје 2014“, како и за работата на ад-хок комисијата, која членовите од редовите на ВМРО-ДПМНЕ ја споредија со хартија-палома.
„Македонија е држава во која власта најбрутално, насилнички ги крши Уставот и законите. Земјава ја владее разулавена партиска структура која правните констатации и заклучоците на Комисијата за прекршување на уставот и примена на сила при исфрлање на новинари и опозициони пратеници од собраниска сала ги споредува со тоалетна хартија. Власт која ужива во секојдневното силување на демократските основи на земјава“, изјави Заев.
Според Заев во Македонија не постојат институции на системот. Тие се претворени во партиски испостави на вождот и на ВМРО ДПМНЕ. Македонија, вели тој, никогаш не била подалеку од членството во ЕУ.
„Денес, на почетокот на осмата година на владеењето на премиерот Груевски, Македонија се соочува со егзекутирана демократија, со економија доведена пред колапс, со нарушена социјална правда, а земјава никогаш не била подалеку од членство во Европската Унија. Наместо ветените 100 чекори напред, Македонија во овие седум години галопирачки назадува“, изјави Заев.
Анализа и дебата во Македонија, за како што рече, поразителните факти, е невозможна бидејќи јавноста е замолчена, вистинските експерти маргинализирани, а медиумите под целосен диктат на власта, оценува тој.
„За период од 7 години, владите на премиерот Груевски потрошија 17,5 милијарди евра буџетски средства, народни пари, а не решија ниту еден економски проблем“, вели Заев.
Според него денешната влада, освен споменици и долгови на младите не им остава ништо друго.
Целта на СДСМ , вели тој, е во земјата да владее социјална правда, економска стабилност, човекови и граѓански права и слободи, меѓусебна почит и толеранција.




