Премиерот Зоран Заев денеска на прес-конференција изјави дека тој не се слушнал телефонски со Катица Јанева, пред да и биде одземен мобилниот телефон во рамки на истрагата за случајот „Рекет“ што ЈО ја отвори за Бојан Јовановски и Зоран Милески, кои добиле 1.500.000 евра за ветување дека преку јавен обвинител ќе спречат или ќе олеснат постапка против лице против кое се водело постапка.
Одговарајќи на новинарско прашање во врска со наводите во некои од медиумите дека вечерта кога беше апсењето на двајцата осомничени, Јанева пред да и биде одземен телефонот се слушнала со висок екс дипломат и висок функционер од Владата, Заев деманираше тој разговарал.
-Може да прочитаме се и сешто и јас за мене можам да кажам дека јас не сум се слушнал. Верувам дека граѓаните може да оценат што е што, ако нешто се случило тоа можете сами да го утврдите ќе ги прашате соодветните луѓе, можете да прашате некои дипломати или поранешни дипломати, како што ме прашавте мене, но Јавното обвинителство соопшти дека било во нејзиниот дом, не е извршен претрес, но и е одземен мобилниот телефон со цел да се види нејзината поврзаност или соучество со Бојан Јовановски или пак да се увиди дали таа е злоупотребена, рече Заев.
Заев нагласи дека истрагата треба да покаже каква е улогата на Јанева и додаде дека додека не се докаже дека таа е инволвирана во криминал, важи пресумпцијата на невиност.
Во врска со други наводи во медиуми дека двајца функционери од владејачката партија биле на состаноците на Јовановски со градоначалници од СДСМ, кои во текстовите се именуваат како кики и Фрики, Заев се повика на неговата изјава во Парламентот дека знае за состанокот со гардоначалничката на Битола и дека од тогаш до денес нема ново барање за идејата за изградба на старечки дом, според насоките кои им ги дала таа на присутните на средбата.
-Не можам да знам на што се мисли и дали се шпекулира со имињата. Знам дека Бојан Јовановски се дружи со многу луѓе и од власта и од опозицијата, новинари и од естрадата. Но тоа не е изговор ако наоправил нешто криминално. Секој треба да одговара ако тоа биде потврдено во правно судска постапка, рече Заев.
Тој рече дека и кај него се обратиле бизнисмени кои не се од Скопје, а кои биле уценувани, кои како што кажа ги пријавил како што треба и секој граѓанин да го направи тоа.
Тој рече дека верува во системот пред се во правосудниот – судството, ЈО или СЈО, бидејќи според него тој систем коечно функциниира. Тој ги охрабри вршителите на функциите во овие органи дека не должат никому ништо, туку само на граѓаните – да делат правда.




