Непоколебливо сме решени да ставиме крај на ова дрско владеење на Никола Груевски и ВМРО-ДПМНЕ, порача претседателот на СДСМ Зоран Заев, вечерва на трибината во скопската општина Центар.
– Шиповиќ беше предводник во Центар, тој ја испрати охрабрувачката порака од Центар низ цела Македонија. СДСМ ќе направи се да се расчисти случајот. Уште од утре ќе ги преземеме сите чекори, на следниот ваков собир, Мирослав Шиповиќ да биде со нас, рече претседателот Заев пред близу 600-тините присутни во кино салата Милениум.
– Знаеме дека се работи за чесен човек, и власта знае, ова што се случи вчера со новите 30 дена притвор, се злоба на власта којашто сака да нанесе огромна морална штета, да не може успешно да функционира општина Центар. Тоа нема да го дозволиме, додаде претседателот Заев.
Во говорот тој констатираше дека после 22 години независна Македонија, граѓаните се донесени во ситуација да говорат за демократија, за правда и правичност, за слобода.
Општеството ни е зрело за промени. Очите на јавноста се свртени кон СДСМ. На нас е да ги повлечеме сите политички чекори, повика претседателот Зоран Заев.
Објасни дека СДСМ ја заокружува промоцијата на предлог мерките утре, по бројните посети низ цела Македонија и Скопје, чијашто цел е „Да ја вратиме средната класа“.
Доаѓаат празници, не можеме да видиме среќни граѓани. Никој не се собира и не планира како некогаш. Младите ни заминаа од државата. Во пристапот каков концепт да понудиме нааспроти концептот на економски руинирана земја, немавме голем избор, освен, да ја вратиме средната класа. Да ги вратиме парите назад кон граѓаните, рече претседателот Заев.
Прецизираше дека концептот нуди: ослободување на граѓаните од големиот број новокомпонирани давачки од оваа власт и враќање на директни средства кон граѓаните.
Рече дека од 5 ипол месеци, 4 месеци се посветени на пресметки, дали е издержлив концептот и колку ќе ја чини државата.
Концептот е реален и издржлив и државата ќе ја чини 63 милиони евра. Од близу 3 милијарди евра Буџет, за мерките на СДСМ ќе треба да се одвојат 63 милиони евра и тоа ќе го направиме, најави претседателот на СДСМ.
Парите или се кај граѓаните или се кај државата. Со оваа власт ги нема и кај граѓаните и во државата. Мијалков испумпа надвор милијарда евра. Уште 3,5 милијарди евра испумпа власта на Груевски. Скопје 2014 однесе според повеќе проценики 240 милиони евра.
Споменик во Струмица чини 15 илјади евра, во Скопје чини 250 илјади евра, споредуваше претсеадтелот Заев одговарајки им на граѓаните како СДСМ планира да обезбеди средства за планираните мерки.
Граѓаните на Центар главно се интересираа за образованието, во коешто гледаат големи слабости на воспитно образовната наспроти административната улога што им ја наметна оваа власт на наставниците, прашуваа дали домашните инвеститори ќе добијат еднакви шанси за работа како странските, тоа што го има во предлог мерките на СДСМ, говореа за нелогичното укинување на ефтината струја и плаќањето парно и ако не се користат услугите на Топлификација. Сите, околу 30-тина граѓани, кои се вклучија во дебатата ги поздравија мерките на СДСМ и отворениот пристап на раководството коешто е црвсто решено новата Програма да ја направи заедно со граѓаните на Македонија.
Центарци се дрзнаа да се спротивстават на оваа власт, сега повикувам да бидат предводници во промоцијата на мерките. Нема кој друг ако не опозицијата, да го охрабри овој народ дека може подобро. Анкетите покажуваат дека довербата на Груевски паѓа, а довербата во СДСМ расте, рече претседателот Заев.
Но паѓањето на режимот и диктатурата не може без граѓаните на РМ. Нема друг пат освен секој од нас да придонесе колку може работите да се сменат. Идните генерации ќе прашаат, што правевте кога ја уништуваа државата. Не можеме да им речеме дека бевме опозиција. Храбро, рамо до рамо да ја промовираме новата Програма на СДСМ којашто ќе донесе добар живот и за нас и за нашите деца, повика претседателот на СДСМ Зоран Заев.
Во знак на солидарност со претседателот на ОО на СДСМ Центар и претседавач со Советот на општина Центар, Мирослав Шиповиќ, младите од Центар излегоа со голема парола со којашто порачаа “Слобода за Шиповиќ за слободен Центар“.
На трибината присуствуваше и сопругата на Мирослав Шиповиќ, Дивна Шиповиќ, целиот висок партиски врв на СДСМ, пратеници, општинската организација, советничката група во Ценатр, повеќе коалициски партери на СДСМ и бројни граѓани.
Еден од нив на завршувањето дофрли: “Доаѓа време кога СДСМ ќе треба повторно да ја стабилизира државата“.



