Со потписот на заменикот во Министерството за финансии, Кире Наумов, СДСМ не дозволи загрозување на исплатата на пензии, плати и социјална помош, потенцираше денеска пред новинарите, лидерот на СДСМ, Зоран Заев.
– Падна во вода целиот виртуелен свет на лажни економски успеси што Никола Груевски со години го креира преку медиумите под негова контрола, скапо платени со народни пари. Никола Груевски ја доведе Македонија пред банкрот…Во изминататите 10 години Груевски потроши 25 милијарди евра од Буџетот, а ја доведе државата во ситуација да не може да исплати плати и пензии, изјави Заев.
Опозицискиот лидер рече дека над 180 илјади граѓани на Македонија живеат со 40 денари на ден, над 500 илјади граѓани на Македонија живеат на работ на егзистенција, секоја трета фирма на Македонија е со блокирана сметка, а над 10 илјади фирми биле затворени.
Тој апелираше до премиерот Никола Груевски да престане со непродуктивни трошења, а помеѓу нив ги напомена 630 милиони евра за споменици, 600.000 евра за Мерцедесот, парцелите на Водно.
– Сите граѓани коишто чесно си ја работат работата, платата, пензијата мора да ја добијат, не зависат граѓаните од волјата на Никола Груевски, потенцираше лидерот на СДСМ, напоменувајќи дека неговата партија нема да дозволи банкрот.
Според Заев, токму потписот за 250.000 евра на Наумов, а не за 500.000 како што предвидуваше Владата значи дека, тие нема да дозволат пари за дополнителни трошоци за купување на гласови.
Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз рече дека на Македонија и е потребна нова економска политика, нов концепт, намалување на задолжувањето и враќање на средната класа.
Новата економска програма, СДСМ ќе ја објави на 13.декември.




