Претседателот на Социјалдемократскиот сојуз денеска во Охрид ги презентираше мерките на неговата партија, меѓу кои децентрализацијата на центрите за социјални работи, на примарната здравствена заштита, и на секторот за јавен ред и мир од МВР кон општините.
Како што истакна лидерот Зоран Заев, предложените се дел од дваесетината мерки за децентрализација на власта, што според него треба да овозможи подобро функционирање на општините кои, како што беше речено, треба да имаат поголеми ингеренции во областа на безбедноста.
– Преку месните и урбаните заедници и директно учество на граѓаните во процесот на донесување на одлуки ќе се создаде можност за враќање на позорникарските полицајци во секое село и секое маало во градовите, подобра организација за поефикасно отстранување на девијантните појави и пороците особено изразени кај младата популација, рече Заев.
Заев ја повика Владата да ја одблокира сметката на општина Охрид, која е блокирана повеќе од 10 години, најавувајќи целосна поддршка на тој процес.
– Ја повикуваме Владата предводена од ВМРО-ДПМНЕ да ги преземе барем обврските и долговите на општината створени од изградбата, доградбата и санацијата на колекторскиот систем за заштита на Охридското Езеро и со тоа да го стабилизира и нормализира работењето на општина Охрид. Се работи за околу 10,5 милиони евра. Секако, ако Владата реши и на друг начин да го реши големиот проблем со кој повеќе од деценија се справува Охрид, ние како опозиција ќе ја поддржиме“ изјави претседателот на СДСМ.
Од владејачката партија, реагираа на повикот на Заев, тврдејќи дека СДСМ создава проблеми и лицемерно бара друг да ги решава.
– Поранешниот градоначалник на Охрид и личен пријател на Зоран Заев, Александар Петревски ја остави само локалната самоуправа во Охрид со 33 милиони евра долг, а заедно со општинските јавни претпријатија тој долг е над 50 милиони евра. Заради долгот кој СДСМ и Александар Петревски го оставија, само дневната камата е 14 илјади евра. Благодарение на СДСМ, Охрид денес е најзадолжената општина во Македонија, а и пошироко на Балканот, тврдат од ВМРО ДПМНЕ, укажувајќи дека на партијата на власт не и потребен Заев да им укаже како да управуваат бидејќи токму неговата партија го заглавила Охрид.
Зоран Заев, претседателот на СДСМ, заедно со секретарот на партијата, и локалното раководство вечерва ќе одржат и трибина на која ќе биде претставена програмата за враќање на средната класа.
Воедно, на денешните средби со жителите на охридскиот регион, Заев се обрати и за „проблемите“ на земјодлеците.
– Земјоделецот работи под секакви временски услови, не е исто кога има 40 или 60 години. Затоа СДСМ ќе направи се што може да го врати земјоделецот во средната класа. Зошто ако земјоделецот има, ќе има и охридската Чаршија. Јас сум човек кој се занимавал со земјоделство и ја знам земјоделската мака, им рече претседателот на СДСМ, Зоран Заев на земјоделците во охридското.




