Транспарентноста и отчетноста носат подобар квалитет на услугите за граѓаните. Затоа, како Влада иницираме зголемена транспарентност и отчетност на органите на државна управа и јавните претпријатија во државна сопственост, сподели премиерот Зоран Заев на својот Фејсбук профил.
„Владата им наложи на агенции, дирекции, фондови, бироа, совети, акционерски друштва или други правни лица во државна сопственост, да ја зголемат транспарентноста и отчетноста во нивното работење преку објавување на 22 обврзувачки информации и документи, согласно Законот за слободен пристап до информации од јавен карактер, на нивните веб-страници.
Доколку не бидат објавени, нема да бидат разгледувани сите финансиски извештаи (тромесечни, полугодишни и годишни) кои се доставуваат на разгледување во Владина постапка.
Наша цел е преку зголемената транспарентност, граѓаните да бидат што е можно повеќе информирани како се трошат финансиските средства од буџетот, но и да добиваат што е можно поквалитетни услуги“, додава тој.