Пратениците на ВМРО ДПМНЕ на собраниската расправа за реконструкција на Владата побараа од премиерот Заев да го повлече предлогот да биде и министер за финансии.
„Зошто го менувате министерот за финансии, ако економијата е толку добра како што се фалите“ го праша Заев пратеникот Илија Димовски. Пратениците од ВМРО ДПМНЕ исто така наведоа дека не веруваат на ветувањата на Заев дека во земјава ќе тече мед и млеко.
„Ветив економска лекција, ќе ја одржам. Враќање нема. И знаете што ќе значи тоа? Тоа ќе донесе 4 нови години опозиција на ВМРО-ДПМНЕ“, одговори Заев.
Тој кажа дека ќе раководи со Министерството за финансии за да се донесат храбри одлуки – поголеми плати и пензии.
Во однос на сугестиите што ги испратија Антикорупционери, Заев кажа дека такви одредби има само во Законот за спречување на корупцијата, за разлика од Уставот и Законот за Влада во кои премиерот може да биде и министер.
„Сепак поради дилемите што се отворија, одлучив да ја послушам Антикорупциската комисија. Тоа се нема случено во ваше време“ кажа Заев.
Заев предложи разрешување на министерот за финансии Тевдовски и на министерот Хазби Лика. Останатите министри Дураку, Адеми, Николовски, Шапуриќ поднесоа оставки и Собранието ги констатираше.




