Нова епизода од драмата околу промената на имињата на училиштата во Чаир, која трае речиси цела една декада. Лидерот на СДСМ, Зоран Заев, тврди дека промената на имињата на две училишта во општина Чаир е спроведена низ незаконска постапка и го повика Централниот регистар веднаш да ја коригира одлуката, затоа што не постои одлука на Советот на општината.
„Со записник на некој си училишен одбор, надвор од законските прописи е спроведена одлуката и доставени се материјалите. Ги повикувам институциите да си постапат со закон“, рече Заев.
Министерот за образование Арбр Адеми доцна синоќа, на својот профил на социјалната мрежа Фејсбук, напиша дека ги потпишал потребни акти двете училишта во општина Чаир да се преименуваат. Според записот од Централен регистар кој го објави Адеми училиштето Никола Вапцаров сега се вика Имри Елези, а Рајко Жинзифов е преименувано во Исмаил Ќемали.
Вториот е албански политичар и дипломат, еден од најзначајните во времето на основањето на независна Албанија, додека Имри Елези, е припадник на ОНА кој загина во војната во 2001 година.
Во 2012 година општина Чаир постави и табли со новите имиња на училиштата, но тогаш Министерството за образование и наука не даде согласност за преименување. На новинарски коментар дека Советот на општина Чаир веќе во 2012 година одлучил за преименувањето Заев побара да се провери документацијата.
„Да ја проверите точно документацијата, оти Советот во оваа постапка, како што е предвидена сега, затоа што ова е постапка која е сега тргната, треба да биде комплетирана согласно прописите јасно пропишани во законот“, рече Заев.
Советници од Советот на Општина Чаир од редовите на ВМРО-ДПМНЕ и од СДСМ брифираат дека министерот за образование Адеми незаконски ги променил имињата на училиштата. Тие тврдат дека ниту имало точка на дневен ред за промена на имињата на училиштата, ниту статутарна одлука за имињата на училиштата, ниту пак, тие со Бадентерово мнозинство дале поддршка да се сменат имињата.
Инспекторатот за локална самоуправа пред осум години ги оспори одлуките токму поради тоа што не биле донесени со Бадентерово мнозинство. Во меѓувреме, беа поставени и нови табли, но административно во документите сѐ уште стоеја старите имиња.




