„По не знам кој пат констатираме дека според сите официјални статистички податоци околу 400 000, пред сè млади луѓе ја напуштиле нашата земја. Пред некој ден слушнавме податок дека во Битола се симнати бројките на невработеност од 15 400 на 6700, 8700 луѓе има сега помалку невработени. Во 2006 г. година во Прилеп биле невработени 24 400, сега се 7100 невработени, значи помалку се невработени од 17 300. Во Кичево, во 2006 година имало 8731 невработени, денеска се 3433 невработени или 5300 се симнати од списокот на Агенцијата за вработување“, изјави лидерот на опозицијата Зоран Заев од Кичево.
– Сите знаеме дека тоа не е така, бришат од евиденција невработени граѓани на државата и за жал најголем дел од младите луѓе ни заминале надвор од државата.
– Денес сè повеќе може да сретнеме по улици замислени граѓани, опсипани со проблеми. Денес сè поретко можеме да видиме луѓе кои од срце се смеат. Денес луѓето заборавија да се смеат. Можеме слободно да кажеме дека проблемите во Република Македонија се толку големи, па за жал можеме да констатираме дека овде во мултиетничко Кичево соживот има, но живот нема. Од тие причини може да констатираме исто така дека за време на празници луѓето нити на гости си одат, ниту гости канат. Денеска граѓаните имаат само две дестинации во освоето секојдневие. Првата дестинација е фаќање џенем надвор од државата, а втората дестинација од дома до банкомат, и таму од една картичка повлечи пари и врати на друга картичка, врати го долгот, и така во бесконечниот круг, надевајќи се дека утре ќе дојде подобар ден. Утре, сепак е потежок ден. Затоа треба сите заедно, сите граѓани на Македонија да се свртиме кон концептот за враќање на средната класа, да создадеме фер и правично општество, да ги вратиме парите на граѓаните, да ги вратиме спокојот и среќата на нашиот народ, истакна Заев.




