По објавувањето на бомбите за случајот „Монструм“ и за прашањето за името ќе исчезнат сите недоумици, порача лидерот на СДСМ Зоран Заев во неодамнешното интервју за тетовската ТВ Арт.
– Не ја знаат вистината, ни оние кои се наводно виновни за убиствата во овој процес, и оние кои што ги изгубија животите, односно сега нивните семејства не веруваат дека е така како што е претставено во јавноста, и тие ја сакаат вистината. Тоа што ќе го обелоденам се телефонски разговори и смс пораки, нема јас да го толкувам тоа, јавноста ќе го протолкува сама како и досегашниот процес. Таа вистина ќе даде одговори на многу прашања. Може овој процес нема да ги даде сите одговори, но ќе даде огромен процент одговори и ќе расчисти многу облаци кои сеуште надвиснуваат над овој процес. Тоа не може да предизвика меѓуетнички конфликт, тоа може само да ги обедини сите кон општоприфатените вредности, кон човечноста, порача Заев.
Како што вели тој, и по објавувањето на бомбата поврзана со името, ќе се откриело дека Груевски водел преговори без знаење на коалициониот партнер.
– Што не знае јавноста за името? Оној тајновит процес кој Груевски го води сиве години без да го запознае и политичкиот партнер во власта, лаже и крие што се прави сиве овие години со името, рече лидерот на Социјалдемократскиот сојуз.
Меѓу другото Заев напомена дека не инсистира неговата партија дојде на власт, туку Македонија да биде демократска и слободна земја.
Тој го поздрави обединувањето на сите граѓани од различните етнички заедници. Порача дека едвај чекал да се случи дуел со Премиерот но дека тој постојано бегал.




