– Интеграцијата во Европската Унија е од стратешко значење за Република Македонија. Побаравме посилно вклучување и на Европската Унија и на Грција во изнаоѓање решение на проблемот што Република Македонија го има на патот на интеграција во Европската Унија, изјави денеска лидерот на најголемата опозициска партија СДСМ, Зоран Заев по средбата со грчкиот шеф на дипломатијата, Евангелос Венизелос.
Тој информираше дека неговата партија му посочила на Венизелос дека тврдиот став на Република Грција за проблемот со името не води кон решение.
– Изнаоѓање решение на сите проблеми е возможно по пат на средби и разговори и притоа политичките раководства на двете земји треба да ги користат праксите за почести средби и разговори за унапредување на севкупната соработка помеѓу двете земји, рече Заев.
Тој потенцираше дека на тој начин ќе се испрати порака на охрабрување дека е можно да се изнајде решение и на најгорливите проблеми.
Заев рече дека прашањето околу името е проблем од највисок интерес за Република Македонија и затоа е недозволиво политички шпекулации и било какви политички ставови по ова прашање, напротив треба мудро и посветено да се најде начин како да се решаваат сите проблеми.




