Состојбата со воздухот во повеќе градови низ Македонија останува алармантна. Според синоптичарите густата магла и смогот ќе се задржат до четврток.
Мерките за ослободување од работни обврски поради загадувањето на воздухот во скопскиот, кичевскиот, тетовскиот и битолскиот регион кое деновиве е над дозволеното, за бремените жени и лицата над 60 години, и лицата болни од астма, без разлика на возраста, со препорака од матичен лекар, продолжуваат до петок.
Инаку во Собранието вчера заврши собраниската дебата за загадувањето . Собарнието не ги изгласа заклучоците за Информацијата за загадувањето на воздухот во Скопје, поднесена од пратениците од опозицијата.
„Владата беше подготвена да прифати некои од предложените заклучоци од страна на опозицијата со цел да се усвојат како усогласени заклучоци. Меѓутоа не успеавме да се усогласиме за некои од заклучоците. Го прифативме заклучокот број 5, 6, 7, 11 и 13 со цел да изразиме готовност за давање заеднички придонес и за изразување на заедничка вознемиреност и грижа како Парламент и како Влада“, соопшти министерот за животна средина Абдулаќим Адеми кој пак истакна дека дел од предложените заклучоци од опозицијата веќе се спроведуваат во пракса.
Тој ги негираше тврдењата дека владата одлучила да го продолжи рокот за исполнување на еколошките стандарди од страна на големите фабрики за уште пет години.




