Државниот завод за статистика ги објави податоците за природното движење на населението во Република Македонија во првото тримесечје од 2014 година.
Според овие податоци, во однос на истиот период од претходната година, бројот на живородени деца на државно ниво изнесува 5.635, што претставува зголемување за 4.4%. Во споредба со првото тримесечје од 2013 година, за 6.2% зголемен е бројот и на умрени лица. Заклучно со 31 март, во нашата држава починале 5.281 лица, од кои 56 се доенчиња. Тоа значи дека природниот прираст изнесува 354 лица, односно за толку лица е поголем бројот на живородени деца од бројот на умрени лица.
Споредено со првите 3 месеци од минатата година, во првото тримесечје од тековната 2014 година забележано е значително намалување на бројот на склучени бракови.
За разлика од минатогодишните 2.893, во Република Македонија годинава биле склучени 2.597 бракови, што претставува намалување од 10.2%, додека пак бројот на разведени бракови е речиси идентичен: 576, наспроти минатогодишните 573.
Двете најголеми општини во Пелагонија, Битола и Прилеп, не го следат трендот на позитивен природен прираст на населението. Или кажано со други зборови, во двете општини, во првите 3 месеци од 2014 година бројот на новородени е помал од бројот на починати лица.
Во Општина Битола во првото тримесечје бројот на живородени лица изнесувал 231, наспроти 315 умрени лица. Во истиот период во Општина Прилеп се родиле 207, а починале 263 лица. Она што посебно загрижува за градот под Марковите Кули, е што меѓу починатите имало и 5 доенчиња.
Заедно со Карпош, Битола и Прилеп се општините со највисок негативен прираст, односно општини во кои на почетокот на оваа година бројот на починати бил значително поголем од бројот на новородени. Во најмала рака загрижувачки делува податокот дека во првиот квартал од тековната година, во Битола биле склучени само 70 бракови, додека пак 29 брачни парови решиле да стават крај на заедничкиот живот.
Како главна причина за падот на наталитетот и сѐ помалиот број на склучени бракови, и социјалните работници и младите луѓе ја посочуваат во безработицата. Иако официјалните податоци на Агенцијата за вработување покажуваат драстично намалување на бројот на невработените, реалната слика е малку поинаква.
Нема инвестиции, нема нови работни места. Впрочем, за тоа најдобро зборува податокот дека индустриските зони во двете најголеми пелагониски општини се речиси празни. За Битола уште и може да се каже дека со вработувањето на 1.358 лица во единствената странска инвестиција во поширокиот регион, „Кромберг и Шуберт“, до некаде е ублажена неповолната состојба со армијата невработени. Меѓутоа тоа не важи и за Општина Прилеп, каде и покрај долгогодишните гласни најави за отворање нови производствени капацитети на домашни и странски фирми, индустриските зони и натаму стојат празни.
Сето ова придонесува за сѐ помасовно заминување на младите во странство, што е втората причина за загрижувачкиот пад на наталитетот и на бројот на склучени бракови.
Ситуацијата не е ништо подобра ниту во руралните општини во пелагонискиот регион.
Напротив, во општините Могила и Новаци, постојат многу причини за загриженост. Најдобар доказ за таквата констатација е податокот дека во Могила, општина со 6.700 жители, во првите 3 месеци од 2014 година имало само 8 живородени, а дури 28 умрени лица.
Ситуацијата е речиси идентична и во Општина Новаци, во која живеат околу 3.500 жители, каде во истиот период имало 5 новородени и 21 умрено лице.
Во насока на намалување на миграцијата, Општина Новаци на сите заинтересирани ергени од населените места од Општината на свој трошок им организираше патување во Албанија, со цел оттаму да се вратат со невести. На сите оние кои од Албанија се враќаа со избрана животна сопатничка, покрај превозот, Општината им ги плаќаше и сите трошоци за венчавката, вклучително и хонорарот за поповите.




