Студентите кои живеат во супстандардни услови во студенските домови во Скопје се соочени со закани за бркање од домовите откако почнаа јавно да го споделуваат своето незадоволство на социјалните мрежи и да бараат одговор од надлежните за недостигот од греење и лошата храна.
„Условите во дом се катастрофа, хигиената е на страшно ниско ниво, ентериерот е искршен, лифтовите се амортизирани, топлата вода има зависно од спратот“, се жалат академските граѓани.
„Јавноста ги знае лошите услови во студентските домови, ние живее тука зашто мораме, немаме пари за стан, а нас управникот ни вели- Јас овде мое дете не би пуштил да живее. Трпиме многу понижувања, но ова со заканите до овој степен е најсериозно до сега“, вели една студенстка, сместена во студентскиот дом „Гоце Делчев“.
Во страв од последиците студентите со кои разговараше НОВА не сакаат да им биде откриен индентитетот. Тие ни кажаа дека во мензата каде треба да се хранат 1.500 студенти сместени во домот „Гоце Делчев“, има храна само за 40 лица, а за останатите останува вчерашна потпоплена и блуткава храна.
Министерот за образование Спиро Ристовски во изјава за НОВА денеска рече дека заканите се недопустливи и дека секој во оваа држава има право да си го изрази своето мислење, а во однос на лошите услови рече дека се работи на подобрување на истите.
На прашањето на НОВА дека врз студентите се вршат притисоци да не го изразат јавно своето незадоволство, Ристовски рече дека не е запознаен со таков случај, а и дека кај него не дошла генерална реакција дека условите во домовите се лоши.




