Заменикот министер за образование Петар Атанасов поднесе оставка од функцијата. Во писмото до Заев, објавено на неговиот фејсбук- профил, Атанасов пишува дека промените во образованието не се остваруваат и ако се продолжи со ова темпо може да се очекува образованието да се реформира дури за 10 до 15 години.
Посочува дека уште од самиот почеток не му било дозволено да формира тим со што ефектите од неговата работа, би биле многу поголеми, а реформите што ги нудел останале во Кабинетот на министерот или во Кабинетот на премиерот.
„Првите два месеца заедно со една поголема група изготвивме решение за јазлите во кои беше навлегол Филмскиот институт во Охрид. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Кабинетот на министерот.
Неколку месеци работев, заедно со неколку креативни луѓе, на дизајнирање на програма за воведување на дигитализација и медиумска писменост во првите нивоа на образование. За жал извештајот и предлог мерките останаа во Вашиот Кабинет.
Работев и бев присутен во многу училишта, универзитети, факултети и образовни институции, заради воспоставување на директна комуникација и соработка со наставниците, професорите и вработените во целиот систем на образование.
За жал ова искуство и насобраното знаење не можеше да се реализира поради инертноста и спороста на образовните институции. А треба многу работи да се менуваат“ пишува Атанасов.
Главните приоритети во образованието треба да бидат подигнување на квалитетот на сите нивоа во образованието, создавање на поквалитетна понуда за целото општество, не само за економијата, како и вложување во креативните потенцијали на наставниците, но, пред се, на учениците. Но за ова, најпрвин, треба да се промени филозофијата на целото образование. Еден закон, или еден проект не може да ги дадат очекуваните резултати.
Без суштински и доброосмислени и реализирани промени во образованието, „корен не може да фати“ ниту Националната стратегија за едно општество и интеркултурализам на чија подготовка се посветил во изминатите десет месеци.
„Моја намера и лична желба е да се вратам на академската кариера, затоа што револуцијата што ја покренавме почна да ги јаде сопствените деца.
Годинава навршувам 30 години професионална работа и професионални ангажмани во неколку клучни и различни сектори, исполнети со потраги по нови предизвици.
За жал, моите очекувања дека преку политичкиот ангажман во изминатите шест години ќе влијаам во насока на реално подобрување на состојбите во општеството, особено во образованието и несебичното вложување за таа цел, не се остварија.
Се чини дека иако декларативно сите говорат дека се залагаме да ги задржиме младите во државата, без вистинска реформа и поквалитетно образование, како и можност за поголем просперитет за младите, тоа нема да се случува“, напиша Петар Атанасов.
На функцијата заменик-министер во МОН дојде откако во 2016 година беше избран за пратеник во Собранието, каде што ја водеше и Комисијата за образование, наука и спорт.




