Државниот секретар во Министерството за финансии на Австрија, Андреас Шидер денеска изјави оти Виена нема да го менува својот однос кон политиката за проширување на Европската унија кон Западниот Балкан, независно од тоа која влада и да дојде на власт.
– Австрија беше и ќе остане поддржувач на патот на Западен Балкан кон ЕУ. Каков и да е составот на идната влада, таа политика нема да се менува и Австрија ќе ја отвори вратата за сите земји од Балканот кон Унијата, наведе Шидер во обраќањето на 10-от Виенски економски форум.
Во Австрија кон крајот на септември се одржаа парламентарни избори, а пред неколку недели најсилните политички сили – Социјалдемократската партија (СПО) и Народната партија (ОВП) почнаа коалициски преговори.
Официјална Виена постојано се залагаше за што побрзо приближување на земјите од Западен Балкан кон ЕУ, посебно за доделување на кандидатски статус на Србија и за што побрзо отпочнување на преговори со Белград.
извор: МИА




