Социјално-загрозените граѓани ќе добијат 72.000 парчиња разновидна стока која е одземена од страна на Царината. Се работи за 3.000 парчиња облека, околу 2.500 обувки, како и прибор и апарати за домаќинство, играчки и други видови стока кои социјалците ќе може да ги добијат од денеска па се до 10 јануари.
Центрите за социјална работа се обврзани да ги известат граѓаните во социјален ризик да поднесат барање за добивање помош од запленетата стока.
Министерството за труд и социјална политика очекува запленетите работи да се поделат на околу 10.000 семејства во Македонија.
Според директорот на Царинската управа, Ванчо Каргов, првпат се случува фалсификувани брендови облека и обувки да се донираат наместо да се уништуваат, откако претходно е отстранет лажниот знак на производителот.
Каргов вели, тоа се должи на направените измени на Законот за царински мерки за заштита на права од интелектуална сопственост и обезбедената согласност од претставниците чии трговски марки биле злоупотеребени, а некои компании бесплатно учествувале во бришењето на брендовите на фалсификуваните производи.




