Денеска беше поставен камен-темелник на местото познато како „Три чешми“ кај Штип, со што започнува изградбата на новиот автопат Миладиновци-Штип. Новата автопатска делница ќе биде долга 47 километри.
Реализација на овој проект Владата ја започна во 2007 година со донесување на потребната документација и барање концесионер, а во 2012 година почнаа преговорите со кинеската Влада за добивање поволен кредит за изградба на автопатот.
Проектот се реализира со кредит од кинеската Ексим банка во износ од 206 милиони евра, со рок на исплата 20 години, 5 години грејс период и 2 проценти камата.
Согласно договорот на оваа делница градежните работи кои ќе ги изведуваат македонските компании е минимум 49 проценти, а вкупниот број на македонски градежни работници што ќе се ангажираат од страна на изведувачите и подизведувачите е најмалку 51 процент од вкупниот број.
Новата автопатска делница ќе ја гради кинеската компанија „Синохидро Корпоратион Лимитед“, а компанијата ветува дека граѓаните на Источна Македонија ќе добијат квалитетен автопат.
Утре почнува изградбата и на автопатот од Кичево до Охрид, кој исто така ќе се гради со кинески кредит.




