Денес започнува собраниската постапка за носење на измените на Законот за заштита на сведоци, соопштуваат од Демократскиот сојуз.
Со измената во Законот се предлага намалување на казните за објавување на податоци за правиот идентитет на заштитен сведок и истите ќе се движат од 3 месеци до 3 години, а во тешки случаи, четири години, осум години и над осум години затвор.
– Казните за службените лица и за сите оние кои во вршењето на службените задачи доаѓаат до класифицирани информации за сведоците, остануваат исти, при што ќе се движат од 4 години, па се до доживотен затвор, вели пратеникот Павле Трајанов, претседател на партијата.
Инаку, согласно новиот Закон за кривична постапка, чија примена почнува од 1 декември 2013 година, сведоците со прикриен идентитет и натаму остануваат како посебни истражни мерки (во овој дел ништо не се менува) за спречување, откривање и докажување на тешки кривични дела, како што се тероризам, нарко бизнис, трговија со луѓе, кривични дела против државата и др.




