Кампот во Табановце ноќеска се наполни со бегалци кои беа вратени од Србија. Откако беа сместени децата и жените во топли простории на кои им беа поделени ќебиња и храна, во 04 часот и 30 минути наутро, по неподносливо студеното време и дождот , на македонска страна влегоа и мажите. Тие ноќеска мирно протестираа во меѓузоната во знак на револт бидејќи Србија не ги пушта да влезат и да го продолжат патот од каде што беа вратени.
Поради сериозноста на ситуацијата и големиот бран на бегалци кои остануваат на македонска територија во моментот заседава Главниот штаб кој треба да одлучи што ќе се прави со овие бегалци. Доколку, Главниот штаб не најде решение, со стратегија треба да излезе Управувачкиот комитет кој е составен од министрите за здравство, внатрешни работи, труд и социјала и транспосрт и врски заедно со Центарот за управување со кризи.
Ноќеска на Табановце беше доста тензично. Повеќе од 130 бегалци кои беа заглавени во меѓузоната на границата со Србија мирно протестираат со намера да извршат притисок на српската страна за да ги пропуштат во земјата. Станува збор за Сиријци и Ирачани кои не сакаа да се повлечат и да влезат во Македонија.
Поради драматичните случувања на границата ноќеска после полноќ пристигна тим од УНХЦР предводен од Мохамед Ариф, претставникот на Канцеларијата во Скопје.
„Мажите мирно протестираат и бараат да влезат во Србија од каде што с е вратени. Се обидуваме барем жените и децата да ги сместиме во кампот во Табановце за да не се смрзнат надвор“ изјави за НОВА, Мохамед Ариф.
Групата на бегалци во текот на ноќта беше дуплирана од бројката во текот на денот. Српските власти тврдат дека границата не е затворена,а за стостојбата ја обвинуваат Хрватска дека прави селекција на Сиријци, Авганистанци и мигранти од Ирак.
Бегалците по неколку дена поминати во Хрватска се вратени назад од каде што дошле бидејќи е утврдено дека не доаѓаат од земји каде што има воен конфликт.




