Македонија моментно брои над 5.000 случаи со ковид-19 и се наоѓа во т.н. „жолта зона“, а Комисијата за заразни болести (КЗБ) засега не препорачува нови мерки.

Според министерот за здравство Беким Сали, ако се имаат предвид моментните бројки во сите инфективни одделенија во државава и искуствата од минатото, ситуацијата со коронавирусот во државава е сè уште „оптимистичка“.

„Ние секојдневно забележуваме благо зголемување на новоинфицирани во државата, Скопје сè уште е жариште, односно „црвена зона“. Меѓутоа, од аспект на оптоварување на системот, сè уште сме во жолта зона“, појасни Сали.

Тој апелира до граѓаните со хронични болести да се вакцинираат со трета и со четврта доза од вакцините против ковид-19.

Согласно податоците од Институтот за јавно здравје (ИЈЗ), вчера беа регистрирани нови 855 случаи на ковид-19 од 1.602 тестови и 683 оздравени пациенти.

Според епидемиолошки анализи, најголем дел од од 5.196 активни случаи во моментот отпаѓаат на Скопје. Во Битола има 441, потоа следат Прилеп – 271, Охрид - 263 и Куманово – 245.